СДСМ не може да го обои во розова боја она што е катран црно, колумна на Иле Тасески

Сподели на:

Последните настани околу прифаќањето на предлозите на синдикалните организации, власта на СДСМ се обидува да го претстави како нејзин најголем успех. „Владата предводена од СДСМ продолжува со економските политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните“, беше соопштено на една од последните прес конференции на партијата. На истата прес конференција, а и на една претходна, на иста тема, беа потенцирани „крупните достигнувања“ на владата на СДСМ во насока на зголемување на вработеноста, намалување на невработеноста, потоа зголемувањето на платите на повеќе категории на работници во јавниот и во приватниот сектор, зголемувањето на минималната плата, на просечната плата, на просечната пензија, односно зголемувањето на животниот стандард на граѓаните во Република Македонија. Потреба да се потенцира ваквиот „успех“ на власта укажува на фактите дека изборите се ближат, дека власта не котира добро кај гласачите и дека СДСМ има очајна потреба преку розово насликано секојдневие да го скрие она што не е можно да биде скриено. Затоа, не беше потребно само еднаш, туку два пати во текот на една недела да се истакнат „епохалните успеси“ на власта. Но, колку и да се обидуваат да ја насликаат реалноста во розово светло, сивилото на секојдневнието ги демантира на секој чекор. Прво, не можи да се смета за успех тоа што власта прифатила предлози на синдикалните организации. Напротив, вистината е дела синдикалните организации извршија огромни притисоци, преку штајкови, протести и слични форми на изразување на незадоволство, да го добијат она што власта на СДСМ се обидува да го прикаже како економска мерка на самата власт. Со други зборови, синдикатите легално и легитимно се изборија за своите права, а власта на СДСМ беше приморана тоа да го прифати, затоа што и самата е свесна дека е виновна за тешката економска состојба на најголем дел од граѓаните во Република Македонија. Второ, ниту една мерка, проект, политика или било која активност на власта на СДСМ не придонесе за унапредување на животниот стандард на граѓаните во Република Македонија. Напротив, власта на СДСМ е виновна за урнисувањето на и онака нискиот животен стандард на граѓаните. СДСМ не пропушта прилика да се пофали дека успеале да ја зголемат минималната плата и просечната плата во Република Македонија, но бегаат од фактот дека истата таа партија на власт е виновна за тоа што Република Македонија во последната година бележеше рекордни стапки на инфлација, не само во регионот, туку и во Европа. Па токму таа инфлација го уништи сето номинално зголемување на платите на работниците. Платите растеа, ама со послаба динамика од растот на цените. Во таа трка, платите сегокаш губеа. Резултат е пад, а не зголемување на животниот стандард на граѓаните во Републлика Македонија. Ова не е само моја перцепција. Ова е нешто што и податоците на Државниот завод за статистика и Народната банка на Република Македонија го констатираат и што лесно можи да се проведи.

И трето, што во суштина го прикажува крајниот резултат на сите економски политики, или поточно кажано на сите економски промашувања на власта на СДСМ, е бројката на невработени, односно вработени лица во Република Македонија. Имено, факт е тоа што заклучно со 1 квартал 2023 година бројот на невработени е 104.403 лица, што претставува сериозно намалување или преполовување на бројката од 208.486 лица колку што биле невработени на крајот на 4 квартал во 2017 година. Но тоа не значи дека сите овие невработени лица се вработиле во Република Македонија. Од друга страна, бројот на вработени лица на крајот на 1 квартал од 2023 година бил 683.242 лица, додека на крајот на 4 квартал од 2017 година бројот на вработени изнесувал 745.206 лица. Ова претставува сериозен пад на вработеноста во Република Македонија за 61.964 лица или за 8,3%. Нивото на вработеност мерена преку бројот на вработени лица во 1 квартал од 2023 година е иста како и во 2014 година кога во Република Македонија имало 690.188 вработени лица.

Ваквиот сериозен пад на вработеноста не е резултат на демографски причини, ниту заради масовно пензионирање на работниците, туку на масовното иселување на работоспособното население во потрага по подобри услови за работа и живот.

Ваквиот тренд беше присутен во подолг временски период, но податоците говорат дека оваа појава ескалира во последните години, односно во периодот од 2020-2023 година. Република Македонија забрзано го губи работоспособното население. Замислете, после тешката диктатура на режимот, која конечно дојде животот за сите, населението од Република Македонија масовно се иселува, а овој егзодус во последниве години доби библиски димензии.

Овој показател е најдобриот показател дека ниту една економска мерка или политика на власта на СДСМ била успешна, напротив ова покажува дека власта на СДСМ водела погрешна и промаршена економска политика. Ниту една економска мерка или политика не придонесла за зголемување на животниот стандард на граѓаните. Напротив, се она што власта на СДСМ го направила за време на своето владеење резултира со енормно богатење на владејачката елита и уште помасовно иселување на населението.

Затоа, СДСМ не може да го обои во розова боја она што е катран црно. Ако тие не можат да ја видат реалноста, бројките и секојдневието целосно ги демантира.

Колумна и анализа на Иле Тасески

Сподели на:

Слични Објави