Приведени Ратко Капушевски и сопственикот на „Пуцко Петрол“, Јаоски
Бизнисменот Ратко Капушевски и сопственикот на „Пуцко Петрол“, Асмир Јаоски се приведени во рамки на најновата акција која ја спроведуваат ОЈО ГОКК и Бирото за јавна безбедност, дознава Курир.Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција потврди дека доцна попладнево под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, БЈБ и МВР се извршуваат претреси на повеќе локации низ државава.
Претресите се со Наредба на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, а во врска со сторени кривични дела поврзани со набавка на деривати.Како што претходно објавивме започната е координирана акција против компаниите и поединци инволвирани во сомнителната набавка на мазут што го загрозува здравјето на граѓаните и животната средина.Неофицијално откриена е мрежа на увозници кои спротивно на законот испорачале некаков вид на горива со сомнително потекло и квалитет. Овие горива најчесто содржат високи нивоа на сулфур, тешки метали или други штетни соединенија што можат да доведат до сериозно загадување на воздухот и почвата.
Според првичните информации се работи за огромна сума од околу 10 милијарди денари испумпани преку фиктивни договори за позајмици и посреднички услуги за испорака на сомнителни горива.
Од Обвинителството посочија дека подетални информации ќе бидат споделени во текот на утрешниот ден.