Продолжува штрајкот во училиштата, во градинките се згрижуваат деца

Сподели на:

Во средните и основни училишта во државава и понатаму не се одвива настава поради штрајкот на членството на СОНК. Во меѓувреме, штрајкот во градинките е ставен во мирување и воспитно-згрижувачкиот процес се одвива редовно.

Штрајкот во основното и средното образование и градинките почна на 11 април. СОНК бара зголемување на платите за 18,4 проценти веднаш и усогласување на останатите со минималната плата.

Во понеделникот раководството на СОНК и Владата постигнаа договор за зголемување на платите од 12 проценти со јулската плата, но завчера овој предлог беше одбиен на седница на Советот на СОНК.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделковски откако објави дека членството не го прифатило предлогот од Владата за зголемување на платите за 12 проценти, информираше и дека Синдикатот во знак на незадоволство од резултатите на преговорите одлучил да организира голем масовен протест пред Владата на 4 мај.

Од друга страна, СОНК одлучи градинките да продолжат со редовно работење, па од вчера воспитно-згрижувачкиот процес во градинките се одвива редовно. Од Министерството за труд и социјална политика соопштија дека на работните места и извршувањето на работните задачи се вратиле вработените во градинките кои претходно беа приклучени на штрајкот.

Сподели на:

Слични Објави