Кривична пријава за министер за култура од владата на Заев: Предизвикал штета од над 500.000 евра
Управата за финансиска полиција, до Oсновното јавно обвинителство Тетово поднесе кривична пријава против Хисни Исмаили, поранешен министер за култура во владата на Заев и потпретседател на собрание во времето на Ковачевски, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата од член 353-в ст.1 и ст.2 од Кривичниот Законик.
-Пријавениот Х. И. во својство на службено лице- министер во Министерството за култура, ја злоупотребил својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност на начин што во периодот од 27.06.2019 до 30.08.2020 година, на ден 24.07.2020 година, несовесно постапил на начин што потпишал решенија и склучил договори со правни и физички лица за финансирање на проекти во вкупен износ од 31.824.000 денари, иако бил свесен дека со извршениот ребаланс на буџетот од страна на Владата на Р.Македонија објавен во Службен весник бр.126 од 15.05.2020 година, недостасуваат финансиски средства за веќе преземените тековни обврски во однос на годишните конкурси за финансирање на проекти, се појаснува во соопштението од Финансиската полиција.
Со горенаведените дејствија, се подвлекува, пријавениот Х. И. предизвикал штета на Буџетот на министерство за култура по основ потпишани решенија и склучени договори во износ од 31.824.000 денари.Исмаили беше министер за култура во владата на Зоран Заев во периодот од јуни 2019-та до август 2020-та година и потпретседател на собранието за време на Владата на Ковачевски.За неговото министерување, Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) поднесе и иницијатива до обвинителството за негово гонење поради сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување во врска со договори и анекс-договори склучени на 24 јули 2020, а во врска со годишните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес.