Македонците се враќаат од Хрватска, било многу скапо, а платите ниски!
Точно е дека има и такви што се враќаат, но не само поради тоа што не се задоволни од платите и условите за работа туку и поради тоа што не одговориле на професионалните задачи. Тие што се враќаат се луѓе без соодветни квалификации, што не ја знаат работата. Оние што работеле тука како келнери, готвачи, градежници… што се професионалци, имаат сериозни шанси да поминат успешна сезона, но оние што немаат никакво работно искуство – се враќаат назад. И покрај тоа што се очајни за работници, хрватските работодавци нема да си дозволат некој што не ја знае работата да остане да работи – вели за весникот ВЕЧЕР Зоран Кочовски.
И годинава многу Македонци заминаа на сезонска работа во Хрватска. Меѓутоа, има и такви што се разочарани од платите, сместувањето, условите, цените и се враќаат назад. Некои од Македонците што во моментов се на сезонска работа во Хрватска, велат дека платите се мали и дека се движат од 1.200 до 1.300 евра месечно, само професионалните готвачи земаат нешто повисоки плати – околу 2.000 евра. Од агенциите за посредување при вработување потврдуваат дека не се заработува многу во Хрватска, но тоа се компензира со платени сместување и храна. Според податоците, во моментов, на Хрватското Приморје работат од 12.000 до 15.000 Македонци.
– Во најголем дел од случаите, работодавците нудат некои сместување и храна, но какво е тоа сместување е прашање. Сместувањето во Хрватска чини многу. Така, на пример, доколку некој работник заработува 1.500 евра, сместувањето и храната чинат уште дополнителни 1.500 евра месечно.
На тој начин, бруто- платата во Хрватска е околу просекот во европските земји, околу 3.000 евра. Во Германија, на пример, не добивате сместување и храна, но тоа се компензира со повисоки плати – појаснува Кочовски.
Во моментот, на Хрватското Приморје работат од 12.000 до 15.000 Македонци. Најголем дел се со регулиран статус, но има и такви што земаат одмор по 2-3 месеци и работат во Хрватска на црно.
Еден Македонец што работи во Хрватска вели дека е разочаран од сместувањето и од платата. Вели дека оди прв пат и оти не би одел повторно. Платата му е 1.200 евра, но со оглед на високите цени во Хрватска за кафе, пиво и на високите цени во маркетите, многу малку му останува чиста заработка. Вели дека и во Македонија, во некој ресторани би ги зел истите пари.
– Сместувањето е очајно. Сместени сме повеќе луѓе во мали соби, стари кревети, стари плакари, без телевизор, клима… Маркетите се прескапи. За една кутија цигари, шампон и ролон, платив 30 евра. И другите цени се високи. Освен храна, треба да купиш и средства за хигиена, паста за заби, да се напиеш кафе, пиво… а земам 1.100 евра месечно, без бакшиш – вели еден Македонец, кој веќе трета година оди на работа во Хрватска.
Сепак, има и такви што мораат сами да си ги покријат трошоците за сместување, храна, сметки и за превоз, што влијае на нивната нето- заработка. Повеќето македонски работници што се на сезонска работа во Хрватска, се согласуваат дека платата е добра, но дека трошоците се високи. И покрај тоа, многу од македонските работници се враќаат секоја година, од причина што е блиску, нема јазична бариера и е добра можност да се заработи некој денар повеќе.