Од „дестабилизација“ до кукање по амбасадори: Ахмети му се пожали на Рокас
Во седиштето на Демократската унија за интеграција во Тетово, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, го примил амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас. Ахмети и Рокас нашироко разговарале за сите политички прашања во земјата, за неопходните реформи за европска интеграција, за легитимитетот и Охридскиот договор, како и за евентуални предвремени избори. Со други зборови, Ахмети му се жалел на Рохас зошто не е во Влада, па не можејќи никако да се помири со местото во опозиција, го информирал амбасадорот дека ДУИ наводно е партија која ни за момент не се колебала за својата евроатланска дефиниција и ориентација.
„За нас евроинтеграциите се без алтернативи и ДУИ дава целосна поддршка за продолжување на преговорите и спроведување на реформите без никакво одлагање и со политички консензус,“ кажал Али, но притоа не објаснил како неговиот внук Дрин ја купи Соравија, ниту пак расправале за матните бизниси на Груби со лотарија и комшиските аудиња.
Во однос на Охридскиот договор, Ахмети потсети дека ЕУ и САД се гаранти на мировниот договор и дека меѓуетничките односи се многу оптоварени со непромислените чекори на владата во однос на албанскиот јазик, етничката припадност, правичната и соодветна застапеност итн, стои во партиското соопштение за средбата во кое нема ниту збор за неевропскиот Кривичен законик донесен со европско знаменце, кој ЕК побара под итно да се европеизира и смени во последниот Извештај за напредокот, ниту за негативниот став на еминентната Венецијанска комисија околу Законот за двојазичност, уште помалку за криминалот и корупцијата во која е директно инволвирана партијата од Мала Речица и за кој каде и да е по комплетирањето на ревизиите, некој ќе треба да одговара.
Според ДУИ, Ахмети му порачал на евроамбасадорот дека Македонија и Македонците не изгубиле ништо од рамноправноста со Албанците, а државата воопшто не е оштетена од спроведувањето на Охридскиот договор. Не се кажува дали Ахмети објаснил дека потенцирањето на етничката припадност наспрема квалификациите и квалитетот е оштетување за државата и за сите други етнички заедници во Македонија, особено за Македонците.
-Политичкиот дијалог во државата мора да го почитува изборниот легитимитет на легитимните претставници на етничките заедници бидејќи тоа овозможува стабилност, безбедност и социјална кохезија, рекол Али кој заборавил да каже дека според бројот на Албанци пратеници, ВРЕДИ има поголем легитимитет кај Албанците.Ахмети продолжил да се „јача“ без аргументи, па иако знае дека последната анкета на ИПСОС вели дека се пата-пата со ВРЕДИ со 7 насто доверба, за да шири лажен оптимизам кај членството демек му повторил на Рокас дека решението за оваа тешка ситуација излез наводно биле заедничките парламентарни и локални избори во октомври 2025 година.
На Рохас, вечниот претседател на ДУИ не му пренел ништо околу најавите за дестабилизација и враќање на 2001-та година во Македонија.