Падна уште една ,,пирамида” во Македонија: DGPT како CONTI
Уште една пирамидална шема на која биле навлечени илјадници граѓани паднала деновиве, откриваат лица кои вложиле пари, и останале без истите.Како што појаснуваат играчите кои инсистираат на анонимност, станува збор за платформата DGPT (Global decentralized computing profit platform), која беше актуелна во регионот, но и во земјава во последните неколку месеци.
Слично како и платформата Конти, која падна минатата недела, и која остави илјадници граѓани без поголеми суми на пари, кои ги вложиле во надеж дека само со кликање на телефон ќе заработат огромни суми, така и ДГПТ очигледно заминува во историјата.-Бројот на играчи од Македонија на оваа платформа беше сличен како и бројот на играчи на Конти, значи околу 15.000 лица, ако не и повеќе. Кога падна Конти, многумина се префрлија на ДГПТ, и веруваа дека станува збор за платформа која ќе трае подолг период.
Јасно ни беше дека финансирањето оди по тој принцип, да постарите членови се финансираат од влоговите на новите членови, кои пак ја шират играта и носат нови членови со свои влогови, и мислевме дека така ќе оди до недоглед.Очигледно, сме направиле грешна проценка. Јавно, ова никој нема да ви го каже, луѓето се плашат од контроли, не сакаат да си имаат проблеми, раскажува играч на ДГПТ за ,,Фокус”.Појаснува дека членовите вложувале од 50 евра, па се до 6.000 евра, а играта била најраспространета во Скопје, но и во Тиквешијата.
-Оваа платформа беше популарна на социјалните мрежи, се објавуваа фотографии од состаноци на повисоките членови, се одржуваа конференции во регионот, а на истите присуствуваа и членови од Македонија. Лице од кавадаречко село беше еден вид на постар член, немаа отворено канцеларии, но јавна тајна беше каде да се бараат детали и инструкции, доколку некој сака да вложи.Вложи 480 долари, добиј 1.320 долари, без да се мачиш и да работиш. Тоа беше една од понудите, а ги имаше повеќе, со различни суми.
Се рекламираа на социјални мрежи, пишуваа дека ова не е лажна или тајна платформа, туку се работи за сериозна компанија и дека крипто вредностите биле во сопственост на приватни лица и компании. Наводно, вредностите биле под надзор на многу луѓе, се правеле мрежи како алки во синџир, а мрежите се викале блокчејн.Многу ветувања за сигурна заработка, многу лековерен народ желен за брзи пари. За жал, отиде и ДГПТ, вели нашиот соговорник.