Состанок на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се одлучува за кандидати за градоначалници на претстојните локални избори
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска напладне треба да одржи состанок на кој се очекува да биде одлучено и за кандидатот за градоначалник на Градот Скопје на претстојните локални избори. Министерот за локална самоуправа Златко Перински во петокот на прес-конференција изјави дека очекувања за победа на претстојните локални избори се големи и базирани се, како што вели, на историски позитивни бројки во корист на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ.
Во првите 25 кандидати соопштени на крајот на мај се: Зоран Бајовски во Чучер-Сандево, Дејан Владев во Свети Николе, Виктор Паунов во Карбинци, Киро Нацков во Градско, Коста Маневски во Зелениково, Александар Ѓоргиевски во Илинден, Златко Ристов во Конче, Иван Гоцевски во Делчево, Ѓорге Божинов во Ново Село, Славе Андонов во Василево, Ристо Манчев во Босилово, Петар Ружински во Берово, Борче Митевски во Петровец, Спасе Кочовски во Вевчани, Јовица Илиевски во Брвеница и Димитар Костадиновски во Јегуновце.
На седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 13 јуни одржана во Штип, партијата определи уште осум кандидати за градоначалници во осум општини за локалните избори: Македонски Брод – Жарко Ристески, Могила – Драганчо Саботковски, Пробиштип – Тони Тоневски, Богданци – Марјан Пеев, Демир Капија – Наталија Димитриева, Росоман – Ѓорѓи Крстевски, Новаци – Стевче Стевановски и Дебарца – Златко Силјановски.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој тогаш ги соопши имињата, најави дека најголемиот број на кандидати ќе ги објават до крајот на јули, а за одредени општини ќе зависи и од договорот со партијата ЗНАМ.