Дали командирот на ПС Прилеп одбегна да се соочи со советниците во врска со последните кривични настани во Прилеп?
Советот на Општина Прилеп денес ја одржа 11- тата седница, на која беше отворено и прашањето околу безбедноста на граѓаните на Општина Прилеп. Прилепчани сведочат на моментално безредие и насилство од страна на одредени групи во градот така што очекуваат конкретни мерки од надлежните институции. И покрај обидот на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, да се стави точка на дневен ред околу оваа тематика, како би се добил извештај за работата на командирот на полициската станица во Прилеп и одговор на прашањата до каде е расветлувањето на настаните кои претходеа во Прилеп, сепак командирот не се појавил на седницата на Совет. Советниците беа согласни дека се неопходни конкретни одговори и дека ваквото однесување на командирот е крајно несериозно.
На седницата советниците расправаа и го усвоија Кварталниот извештај за извршување на буџетот на Општина Прилеп за првиот квартал од оваа година.
Со мнозинство гласови беа усвоени Одлука за измена и дополнување на Одлуката за основање на Јавно претпријатие за енергетски дејности како и предлог решенијата за разрешување и именување на членови во управниот и надзорниот одбор на истото.
Исто така на 11-тата седница беа усвоени одлуките за давање на согласност на тримесечните извештаи за финансиското работење на ЈКП „Водовод и канализација“ и ЈКП „Комуналец“ за периодот од 01.01.2022 до 31.03.2022 година како и одлуките за давање на согласност на Годишниот план за измена и дополнување на годишниот план за вработување во 2022 година во ЈКП „Пазари“ и Одлуката за давање согласност на Статутарната одлука за измена на Статутот на ЈКП “Водовод и канализација“.
Советниците едногласно ги усвоија Одлуката за определување на ширината на крајбрежниот појас во водотеците во Планскиот опфат на УПС Крстец, КО Крстец како и Одлуката за формирање на Локален младински совет на Општина Прилеп.