За министерот Битиќи 50 денари за леб е пристојна цена

Сподели на:

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска најави дека доколку е потребно, можно е да се активираат стоковните резерви.

Според Битиќи, леб ќе има и тоа, како што рече, по реално пристојни цени.

Оценка на вицепремиерот е дека цените растат поради „нашето неодговорното однесување“, а одредени маркети, смета, се најголеми профитери.

-Се испостави во одредени маркети дека токму таму се најголемите маржи. Цените растат и зашто поскапуваат суровините. Тука не можеме да интервенираме зашто сме увозно зависни, рече тој.

Битиќи рече и дека од септември се планираат мерки за помош на граѓаните, но не прецизираше какви, само потврди дека најверојатно нема да има ваучери како поранешните „купувај домашно“.

-Не би кажал дека може да очекуваме ваучери, но ќе има мерки за ублажување на кризата. Не би можел да кажам и дека ќе бидат слични мерките за граѓаните зашто во овој момент се гледа што најбрзо ќе даде ефект. За жал, не сме во можност и ситуацијата не е таква како во првиот период на КОВИД кога можевме да овозможиме. Тогаш интервенциите беа да одговориме соодветно за да ја задржиме економијата да не паѓа уште повеќе, објасни Битиќи.

Навраќајки се на неодговорното однесување, тој како пример го посочи земјоделскиот сектор. Се даваат, потенцира, огромни субвенции, а производството се намалува.

-Поради тоа и отворивме јавна дискусија за реформи во моделот на субвенционирање. Вистинските земјоделци не треба да стравуваат. Тие ќе добијат достоинствени субвенции, но оние што се обидуваат на нивен грб да профитираат, треба да бидат загрижени, рече Битиќи.

Сподели на:

Слични Објави