Чекајќи го Годо, односно мерките за поддршка на граѓаните и стопанството

Сподели на:

Колумна на Иле Тасески

Поминаа речиси два месеци од последниот ребаланс на буџетот на Македонија, кога Владата најавуваше дека во најбрз можен рок ќе излези со мерки за поддршка на граѓаните и стопанството со цел амортизирање на последиците од сите кризи кои со огромна сила удрија врз Македонија. Поминаа речиси два месеци, но од најавените мерки нема ни „М“.
Во меѓувреме и оние мерки кои претходно беа донесени, престанаа да се применуваат. Така, на пример, додатокот што корисниците на социјална помош го добиваа во претходниот период, од август веќе не се исплаќа. Потоа, се „одмрзнаа“ цените кои за кратко време беа ставени под „мраз“, па истите почнаа да совладуваат рекордни висини.
Во периодот што следуваше, односно во месеците јуни, јули и август, ситуацијата воопшто не се подобри, напротив, дополнително се влоши. Мерена преку трошоците за живот, инфлацијата постигнува нови рекорди во последните 20-30 години. Таа во јуни достигна ниво од 14,5%, во јули 16%, а во август 16,8%. Само трошоците за храна и пијалоци се зголемија за 20,9% во јуни, 23,6% во јули и 25,1% во август. Најстрашно е што тенденцијата се движи кон натамошно зголемување, а не намалување.
Ваквиот удар врз животниот стандард на граѓаните веќе поприма сериозни димензии. Најзагрозени се оние семејства кои се корисници на социјална заштита, потоа оние семејства со низок приход, но и огромен број на пензионери. Секојдневно сме информирани за бројни незадоволства на работниците, на земјоделците, но и на бизнисмените. Порастот на цените повеќе или помалку ги погаѓа сите.
Од друга страна, Владата се уште не го објавува одамна најавениот пакет на мерки за помош за граѓаните и стопанството. Со ваквата постапка власта ги остава и граѓаните и стопанството на стихијата која секојдневно се повеќе и повеќе ги осиромашува граѓаните, а стопанството го прави неконкурентно и неликвидно. Безбројните крици за помош како да не допираат до ушите на министрите и премиерот.
Ваквото однесување на власта, во најмала рака може да се карактеризира како неприфатливо. Владата постои за граѓаните и стопанството, а не обратно. Таа ја има целокупната одговорност за решавање на сите проблеми со кои се соочуваат и граѓаните и стопанствениците.
Ситуацијата е крајно тешка и бара превземање на итни и неодложни мерки, а не тактизирање и игнорирање.
Мерките мора да бидат насочени кон задржување на одредено ниво на животен стандард на граѓаните, преку директна помош на најзагрозените категории на граѓани, од една страна, но и итна помош на стопанството со цел зачувување на неговата конкурентска способност.
Директната помош на граѓаните треба да биде насочена кон финансиска помош на корисниците на социјална заштита, преку зголемување на висината на надоместоците (социјална помош, помош и нега и сл.) што ги добиваат, но и давање на директна финансиска помош на семејствата со ниски примања. Најлесен начин во најбрз можен рок да им се помогне на семејствата со ниски приходи е да зголеми лимитот за остварување на правото на детски додаток (од сегашните околу 16.000 денари на, да речиме 25.000 денари) со цел опфаќање на поголем број на семејства со низок приход, а потоа и да се зголеми износот на детскиот додаток што ќе се исплаќа. Исто така потребна е итна помош и на пензионерите кои имаат ниски пензии.
Помошта на стопанството може да биде во форма на директни субвенционирања на одредени трошоци (пример, ел.енергија, гориво и сл.) на сите или одредени стратешки стопански гранки, или преку замрзнување на цените на одредени призводи кои имаат големо значење за економијата и нејзината конкурентност.
Истовремено, власта треба да понуди стимулации за зголемување на производството на производи кои имаат стратешки карактер (пр.,пченица, пченка, сончоглед, ориз и сл.), но и стимулирање на инсталирање на сопствени капацитети за производство на ел.енергија од обновливи извори (сонце, ветар), со што е можно помалку административни процедури и со речиси неограничен капацитет за производство.
Ова се само неколку предлози како да се насочи владината политика на помош на граѓаните и стопанството. Но, најбитен елемент овде е времето за спроведување на вакви мерки. Имено, вакви или слични мерки веќе требаше да бидат имплементирани од страна на власта. Без нив, граѓаните секој ден се се посиромашни, а стопанството се повеќе се приближува кон колапс.
За жал, иако поминаа речиси два месеци од најавата за помош, сепак власта не превзема речиси ништо во таа смисла. Од друга страна, инфлацијата и порастот на цените и трошоците на живот е сурово секојдневие со кое се соочуваат граѓаните и стопанството. Секој ден претставува натамошно губење на и онака нискиот стандард и квалитет на живот што го имаат граѓаните. Најпогодени се смејствата без никакви примања или со ниски примања, а такви се огромен број. Овие семејства се особено погодени од порастот на трошоците за живот, затоа што најголем дел, или речиси сите свои примања ги користат за купување на храна и за плаќање на трошоци за домување (ел.енергија, вода, затоплување и сл.) Токму кај овие категории во претходниот период е забележан најголем пораст на цените на мало и на трошоците за живот-само трошоците за храна во јули и август се зголемија за 23,6% и 25,1%, а трошоците за домување во јули и август се зголемени за 15,8%, односно 16,9%.
Граѓаните и стопанството се уште чекаат на одамна најавената помош од страна на власта. А, од мерките на власта до денес нема ни трага ни глас. Жално е тоа што ова чекање веќе се претвора во апсурдно чекање, опишано во антидрамата „Чекајќи го Годо“. Но, последиците од ова чекање се и допрва ќе стануваат уште поголеми.

Сподели на:

Слични Објави