Форум на заедницата во организација на советот на Општина Прилеп
Денес се одржа првата форумска сесија во Прилеп, на која директно учествуваа и дебатираа со сопствени предлози сите заинтересирани граѓани од нашата општина. Форумот на заедницата е дел од компонента на проектот “зајакнување на општинските совети ” кој го организира Општина Прилеп, во партнерство и со финансиска поддршка на Швајцарската влада (преку Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC), Министерството за локална самоуправа на РМ и Програмата за развој на Обединетите Нации – УНДП. Станува збор за заедничка иницијатива која треба на транспарентен и инклузивен начин да го зајакне граѓанското учество во процесот на одлучување на локално ниво, при што би се подобрил партнерскиот однос помеѓу локалните субјекти, во поглед на наоѓање на поефикасни решенија за проблемите, кои се во интерес на целата заедница. Граѓаните сами одлучуват кои се приоритетите за развој на нивната локална самоуправа и кои активности може да се спроведат во таа насока. На денешната средба, мнозинството присутни граѓани ја избраа темата „спорт и млади“ на која ќе даваат конкретни предлози, за кои ќе се расправа и одлучува на наредните форумски сесии. Целиот форумскиот процес ќе се одвива во текот на оваа година низ циклус од пет сесии и е отворен за сите граѓани на општина Прилеп во кој тие ќе одлучуваат за изборот на темата и проектните идеи кои ќе бидат земени во предвид и во понатамошните општински активности.