Европската унија во Прилеп најавува проекти за развој на туризмот, економијата и патната инфраструктура
Од посетата на Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во Прилеп и средбата со градоначалникот Дејан Проданоски. Европската унија во Прилеп најавува проекти за развој на туризмот , економијата и патната инфраструктура.
Градоначалникот Проданоски изјави: Европските вредности и европските фондови мора да се преточат во видлив развој, токму за тоа разговарав со Амбасадорот на Европската Унија во Република Македонија, Михалис Рокас, кој денес беше во посета на Општина Прилеп. Средбата ја посветивме на теми од исклучително значење за нашата општина, придобивките од пристапувањето кон Европската Унија и конкретното влијание на европската поддршка врз секојдневниот живот на граѓаните на Прилеп и пошироко во регионот. Разговаравме за продлабочување на соработката, особено во делот на локалниот економски развој, реализацијата на инфраструктурни проекти и зајакнувањето на институционалните капацитети. Го запознав амбасадорот со значајните природни и културни богатства со кои располага Прилеп, со нашата географска поставеност и плодноста на земјоделските површини, со цел искористување на можностите што ги нудат европските фондови за поддршка на земјоделството и пограничната соработка. Посебен акцент ставивме на развојот на стопанството и искористувањето на европските механизми за поддршка на локалната економија.Со гордост истакнав дека Прилеп е лидер во селектирањето на отпадот во државата и дека континуирано работиме на унапредување на системот за третман на отпад. Потврда за нашите заложби е и наградата за „Најзелена општина“ која што ја добивме во 2022 година, доделена во рамките на кампањата на Делегацијата на Европската Унија за промоција на Европскиот зелен договор. Ќе продолжиме посветено да ја унапредуваме соработката со Европската Унија и да ги продлабочуваме досегашните одлични искуства, преку аплицирање и користење на поддршка во сите сфери на нашето општествено живеење, образование, култура, туризам, инфраструктура и економски развој. Иднината на Прилеп е нераскинливо поврзана со иднината на Европската Унија, заедно градиме општество на стабилност, просперитет и европски вредности, во кое нашите граѓани ќе живеат подобро, а младите ќе ја гледаат својата иднина дома, во европски Прилеп.





