Ако платите во Република Македонија растат, тогаш зошто работниците штрајкуваат?
Кратка анализа на Иле Тасески:
Последниот извештај од Државниот завод за статистика повторни „измери“ пораст на нето платата во месец 04/2022 година. Според нив, просечната плата достигна 31.525 денари, што претставува зголемување и во однос на претходниот месец, и во однос на претходната година.
Меѓутоа, ако во Република Македонија речиси секојдневно гледаме разни облици на работничко и граѓанско незадоволство, а од друга страна ни се лиферуваат извештаи дека има зголемување на просечната нето плата, а со тоа и на сите останати плати исплатени по поедини фирми, гранки и дејности, тогаш неминовно се поставува прашањето: Ако просечната плата се зголемува, тогаш зошто работниците речиси секојдневно штрајкуваат?
Владата на СДСМ го гледа зголемување на просечната нето плата како голем успех на нејзините економски политики. Тоа за нив претставува аргумент дека нивните економски политики придонесуваат за подобрување на животниот стандард на граѓаните во Република Македонија, и тоа во текот на една од најтешките економски кризи со кои е соочена државата, но и целиот свет.
Но, од друга страна реалноста целосно ја демантира ваквата аргументација на власта. Речиси секојдневните штрајкови, предупредувачки протести, преговори, разговори, помирувања со синдикалните организации само покажува дека ситуацијата воопшто не е таква каква што власта се обидува да ја прикажи.
Порастот на просечната плата, освен како статистички показател, не може да биде и показател кој веродостојно ќе ја одразува реалноста ниту на примањата на работниците, ниту на животниот стандард на граѓаните. Статистиката навистина измерила пораст на просечната плата, но тој пораст не го добиле сите работници. Ако подетално го анализираме соопштението на ДЗС можеме да заклучиме дека плата која е во висина на просекот или над просекот од 31.525 денари е исплатена во дејности во кои работат околу 25% од сите работници во Република Македонија. Што значи дека 75% од работниците работат во дејности каде платите се под овој просек. Понатаму стапката на пораст на платите е со поспора динамика во однос на порастот на цените на мало и трошоците на живот, особено на производите и услугите за исхрана, облекување и домување. Токму овие трошоци се доминантни кај оние семејства со ниски плати. Токму неуспехот на власта да го ублажи ценовниот удар и финансиски да ги поддржи семејствата со ниски примања се директна причина за работничкото незадоволство.
Владата иако теоретски има широк простор на дејствување за ублажување на последиците од оваа економска криза, која мораме да признаеме е во 100% „увезена“ преку порастот на цените на енергенсите (ел.енергија, нафтата и гасот) и храната, сепак нејзиниот маневарски простор е стеснет поради погрешните буџетски политики што ги водеше во претходните години. Имено, наместо да спроведи фискална консолидација во годините кои беа релативни „мирни“ и без надворешни и внатрешни шокови, власта водеше популистичка политика на субвенционирање на се и сешто, без разлика дали има реална потреба или ефекти од тие мерки. Ова комбинирано со разните злоупотреби кај јавните набавки и останатите трошења на „народните пари“ кои во претходниот период беа констатирани, само покажуваат дека власта водела неодговорна политика чиј краен резултат е пораст на јавниот долг. Понатаму, погрешното „менаџирање“ со ковид кризата, каде што наместо реална помош видовме популистички и неделотворни мерки само дополнително ја намали способноста за одговор на сегашните предизвици кои имаат капацитет да ескалираат со далеку потешки последици од она што до сега сме виделе. Резултат е повторно зголемен јавен долг кој достигна веќе историски рекорди и не смести во зоната на ризични економии за позајмување, но и осакатено стопанство кое веќе е фрлена на колена и моли за итна помош.
Со други зборови, власта сама си го стесна просторот и денес таа е со многу мал капацитет да дејствува. Поради тоа власта сега не прифаќа линеарно зголемување на платите на администрацијата, како што беше впрочем и договорено со ССМ при преговорите за зголемувањето на минималната плата. Поради тоа власта не излезе со нов пакет на мерки на почетокот на месец јуни, кога заврши претходниот пакет на мерки, и дозволи драстично зголемување на цените на горивата и на храната што дополнително го девалвира живитниот стандард на граѓаните. Последната мерка на ограничување на маржите за одредени производи, сепак не ги дава очекуваните резултати.
Затоа незадоволството и на граѓаните, но и на стопанството е огромно. Затоа секојдневно се случуваат штрајкови, протести и други форми на незадоволства од страна на работниците. Секојдневни се предупредувањата од страна на економските експерти за потребата од итни ефикасни мерки. Секојдневни се и апелите од страна на бизнисмените за помош и спасување на урнисаното стопанство.
Власта на СДСМ очигледно нема ефективен одговор на барањата на работниците и стопанствениците. Ако имаше досега ќе беа веќе имплементирани. А, со ваквиот начин на справување со кризата, владата од решавач на проблемот се претвора во проблем. И на крајот, покрај тоа што ДЗС пресметал пораст на просечната плата во месец април, тој пресметал и намалување на платите во одделни дејности и гранки. Пресметано е дека има намалување на исплатените плати во шумарството, во вадењето на јаглен, лигнит и метали, во прехрамбената индустрија, во текстилната индустрија, во металопреработувачката индустрија, во производството на машини и моторни возила, во телкомуникациите и други дејности. Ова е проблем кој бара дополнително внимание и анализа, но и уште еден доказ дека порастот на просечната плата не е доказ дека се подобрува стандардот на граѓаните.