Македонската фаланга спремна за вечерва
Како во најдобрите денови македонската ракометна репрезентација ќе има поддршка од голем број фанови на денешниот дуел против Холандија. Имено, се најавуваат скоро 2.000 луѓе во сегментот каде што се наоѓаат македонските фанови, на првото ниво во „Таурон Арена“.
Голем број наши навивачи од овој дел на Европа го користат викендот и ќе ја бодрат селекцијата водена од Кире Лазаров на првите два натпревари од групата Ф. Холанѓаните се единствени кои се малку побројни од просекот на двете групи во Краков, но се пак далеку помалку од „Фалангата“, а и воопшто не се бучни и не навиваат како македонските ракометни навивачи.
Овој натпревар е прв меѓусебен на Македонија и Холандија на големите натпреварувања, а од голема важност е исходот и конечниот скор. Евентуална победа може да значи пласман во главната групна фаза во Катовице, која почнува следниот четврток.
Во вториот натпревар од второто коло во нашата група Ф, Аргентина се соочува со фаворитот Норвешка.