50 приватни здравствени установи црпеле пари од ФИТР: За злоупотребите ќе одговараат, а парите ќе треба да ги вратат

Сподели на:

Околу 60 компании со различни дејности кои добиле пари од државата за иновации и развојни проекти, наместо да ги реализираат имале проекти без резултати или тие биле фиктивни или „фантомски“. Го оштетиле буџетот и му должат вкупно 192.888.642 денари или околу 3,2 милиони евра на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) од кој во изминатите неколку години добивале грантови за поддршка на проектите.

В.д. директорот Никола Додов денеска на прес-конференција рече дека се откриени сериозни неправилностите во работата на Фондот кој доделувал пари без исполнети критериуми за поддршка на проекти, а спротивно на правилникот и одредбите од Законот за иновациска дејност, пари добивале и приватни здравствени установи кои со нив купувале медицинска опрема.

-Во моментов, станува збор за околу 50 приватни здравствени установи кои во изминатите пет години биле корисници на средства од Фондот. Во тек е посебна ревизија за ова прашање и веднаш штом ќе добиеме првични информации од ревизијата, јавноста ќе биде благовремено информирана. Исто така, постои основано сомнение дека правилниците донесени од претходната структура кои ги регулираат овие прашања не се донесени во согласност со важечките закони. Ова дополнително го истражуваме. Исто така, има индикации дека во минатото некои одлуки можеби биле донесени врз основа на политички договори, а не во согласност со законските процедури, што дополнително ќе биде предмет на истражување… Постојат основани сомнежи за злоупотреба на Фондот за иновации и неговите средства за време на Ковид-кризата, кога одредени приватни здравствени установи добивале финансии, додека државните се бореле сами со здравствената криза. Овие наводи се дел од тековната ревизија, информираше в.д. директорот на ФИТР.

Сподели на:

Слични Објави