Јане Ченто докажа дека притворот му беше наместен

Сподели на:

Апелациониот суд – Скопје ја потврди пресудата на Кривичен дека полицискиот службеник, кој во март 2018 година напишал белешка дека притвореникот Јане Ченто не ја почитувал мерката куќен притвор, која му беше одредена поради предметот „27 април“ и во моментот на проверката не бил дома, лажел. Се констатира дека службеникот од МВР фалсификувал исправа, во која внел невистинити информации. Поради ова, пак, Ченто доби ефективен притвор и беше однесен во затвор.

За семејството на Ченто, иако задоцнета, оваа пресуда е само уште еден доказ дека случајот „27-ми април“ е монтиран без фер судење.

Она што го кажував јас пред 5,5 години дека мојот син го приведоа повторно во Шутка, незаконски, без никаков доказ, а службеното лице од МВР што дојде тука го пријави како отсутен, дека не е дома, дека бил излезен во тој момент. И наредниот ден тие дојдоа повторно, го зедоа и го вратија во Шутка, така што оваа Пресуда за нас е надеж дека понатаму ќе излезе вистината во целост, вели за „Алфа“, таткото на Јане, Коле Спиркоски.

Пред критичниот ден кога Јане од куќен притвор повторно беше вратен во Шутка имало неколку кратки полициски проверки. Меѓутоа, во ниту една од нив немало директна комуникација со притвореникот за службеникот да заклучи дека тој не бил дома. Ниту заѕвонил, ниту викнал. Но затоа веднаш бил известен надредениот старешина, како и одговорниот судија дека лицето не било дома. Како доказ, семејството уште веднаш ги стави на увид и снимките од безбедносните камери на кои јасно се гледа дека Јане е дома.

Обвинетиот полициски службеник е осуден условно на 18 месеци, во наредните три години да не направи ново кривично дело. Јане Ченто првично беше осуден на 15 години затвор, па казната му е намалена на 13. Тој веќе 6,5 години е во затвор. Инаку, сега веќе принудно пензионираната обвинителка Вилма Рускоска, пред неколку дена јавно кажа дека воопшто не се кае за драконските казни за сите осудени за настаните од „27-ми април“, бидејќи им биле заслужени, рече таа.

Сподели на:

Слични Објави