МВР со детали за апсењето на функционерите на ДУИ
Поднесена кривична пријава против 15 физички и 3 правни лица за „злосторничко здружување“, „даночна измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“
Денеска (19.07.2023) Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против 15 физички лица и 3 правни лица, и тоа против 11 физички лица за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ по чл. 394, од кои против 9 за сторено кривично дело „даночна измама“ по чл. 279-А ст. 2, додека едно лице освен за овие две дела, заедно со уште четири физички и три правни лица се сомничат дека сториле кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“ по чл.273 од Кривичниот законик.Имено, тројца од пријавените, меѓу кои и раководно лице од УЈП, во септември 2020 организирале злосторничко здружување кон кое подоцна се приклучиле уште 8 лица, меѓу кои и двајца вработени во УЈП, а останатите управители или сопственици на правни лица, во текот на 2020 и 2021 на организиран начин преку осум правни лица од Скопје издавале фиктивни фактури и генерирале фиктивни барања кон УЈП за поврат на данок со што ги сториле споменатите кривични дела и се стекнале со противправна имотна корист на штета на буџетски средства. Прво и второпријавениот, иако не се сопственици, управители и овластени лица на сметките на правните субјекти, тие реално управувале, координирале и давале инструции за постапување, а за активностите го известувале третопријавеното раководно лице од УЈП.Оваа организирана криминална група правните субјекти ги користела за издавање на лажни фактури едни кон други, без да постојат реални деловни активности, и врз основа на овие фактури до УЈП биле доставувани ДДВ – даночни пријави, со цел неосновано побарување на поврат на данок т.е. врз основа на овие фактури била прокнижувана аконтација која понатаму се користела за пребивање на даночни долгови, кои трети лица, исто така правни субјекти, ги имале како обврска кон УЈП.Овие правни лица биле користени како даночни гаранти така што со даночни должници биле склучувани договори согласно кои осумте правни лица биле даночните гаранти и за тоа ги користеле нереалните даночни аконтации кои ги имале кон УЈП. Организаторите за целата оваа осмислена шема за возврат добивале стока, движен и недвижен имот како луксузни возила, станови и сл., кои подоцна ги препродавале на трети лица со што противправно се стекнувале со материјална корист. Оваа криминална група преку четири правни лица од Скопје, во периодот од 2020 до 2021 година, со склучување на договори за даночни гаранти, неосновано, на штета на буџетските средства пребиле данок во вкупен износ од 51.626.637 ден. (или 837.458 евра), при што дел од нелегално стекнатите парични средства преку повеќе трансакции биле искористени за купување на недвижен имот во вкупна вредност од околу 150.000 евра на име на еден од пријавените, син на третопријавениот, а дел биле пуштени во легалните финансиски текови преку повеќе готовински уплати и трансакции по основ на наводни позајмици. Исто така, дел од нелегално стекнатата имотна корист, третопријавениот ја легализирал преку пријавените овластени лица на банкарските сметки на правните субјекти и пријавените правни лица, преку повеќе меѓусебни трансакции. Воедно, третопријавениот на овој начин легализирал и износ од 15.259.870 ден. (или 248.128 евра), при што уплати на сметка на едно од пријавените правни лица по основ на „дневен пазар“ во повеќе трансакции по основ на „позајмица“ биле трансферирани на сметката на другото пријавено правно лице. Овие средства понатаму, од страна на правното лице биле користени за откуп на девизи, плаќање на фактури кон домашни и странски правни лица за увоз или набавка на стока, а дел од средствата, односно 110.000 ден. (или 1.789 еур) биле префрлени на сметка на синот на третопријавениот.Со сите овие инкриминирачки дејанија, оваа криминална група на организиран начин ги сторила кривичните дела опфатени во кривичната пријава, со што членовите на оваа група за себе прибавиле противправна имотна корист, а на буџетските средства била нанесена штета во вкупен износ од 51.626.637 ден. (или 837.458 евра).Утрово (19.07.2023) од страна на ОСОСК беа спроведени претреси на 7 локации, при што од слобода беа лишени три лица кои ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка. При претресите беа запленети мобилни телефони и документација, а при претресите на две локации беа пронајдени и запленети вкупно 35 куршуми од кои 8 куршуми со калибар 6,5 мм, 10 куршуми со калибар 7,65 и 17 куршуми со калибар 9 мм, при што дополнително се приведени две лица, за кои по документирање на случаите ќе следува соодветна пријава.