Проданоски ги објави заклучоците за зајакнување на безбедноста во сообраќајот
– Со задоволство можам да соопштам дека Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната Седница едногласно ги донесе заклучоците во врска со неодамна одржаната јавна расправа на тема “Анализа и утврдување на потребата за изменување на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста на сообраќајот” изјави Проданоски.
1. Се укажува на потребата од безбеден и функционален систем на сообраќајот на патиштата и намалување на бројот на сообраќајни прекршоци и кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќаj, преку подигање на одговорноста и свеста на сите учесници во сообраќајот и преку елеминирање на неказнивоста на сторителите;
2. Се укажува на потребата од заострување на казнената политика преку изменување и дополнување на Кривичниот законик, Законот за прекршоците, Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, Законот за јавните патишта, Законот за извршување на санкциите и нивно меѓусебно усогласување, најдоцна до крајот на 2025 година;
3. Се укажува на потребата Министерството за внатрешни работи да ги забрза активностите околу целосно и ефикасно имплементирање на системот безбеден град кој ќе овозможи автоматско констатирање на сообраќајните прекршоци преку целосно дигитализирање на процесот, притоа комплетно елиминирајќи го човековиот фактор и можноста за злоупотреби и какви било влијанија, како и да ги продолжи и забрза активностите околу имплементација на системот на безбеден град, како од аспект на поставување на техничката инфраструктура, така и од аспект на усогласување на законите неопходни за функционирање на системот, најдоцна до крајот на 2025 година;
4. Се препорачува да се изготви меѓуресорски стратешки акциски план со цел да се забрзаат активностите околу вмрежување на Министерство за внатрешни работи со судовите и со обвинителствата со што ќе се овозможи побрза електронска комуникација помеѓу овие институции и намалување на можностите за злоупотреба на системот. Ефикасна комуникација и увид во евиденцијата на сторителите се еден од предусловите за воспоставување на функционален систем;
5. Се препорачува судовите својата работа да ја темелат на почитување на законските начела, со посебен акцент на непристрасноста при донесувањето на одлуки, да ги применуваат одредбите на законот во целост, изречените казни да се во согласност со тежината на прекршокот, односно делото и да се имаат предвид мерките кои може да се применат за да ја спречат можноста од повторување на прекршоците или кривичните дела во сообраќајот;
6. Се укажува на потребата надлежните институции да обезбедат поголема контрола на авто школите и постојана едукација на инструкторите за обука на кандидати за возачи.
7. Се укажува на потребата надлежните институции да обезбедат поголема контрола во центрите за техничка контрола на исправноста на возилата коишто се вклучуваат во сообраќајот.
8. Се укажува на потребата од превентивни мерки и се препорачува Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата да ги засили своите активности во насока на подигнување на јавната свест кај сите учесници во сообраќајот притоа истакнувајќи ја личната одговорност на секој поединец кој на било кој начин учествува во сообраќајот, со акциски план за нивно реализирање.
9. Се препорачува поттикнување на едукативно превентивни мерки во градинките и училиштата, односно децата уште од најмала возраст да бидат едуцирани и информирани како во однос на сообраќајната култура така и во однос на спречување на насилството, најпрвин на врсничкото насилство кое подоцна прераснува и во други форми на насилство.
10. Се препорачува медиумите да ја имаат во предвид важноста на едукативните програми и содржини како превентивни мерки за спречување на насилното однесување во сообраќајот и во сите области на секојдневното живеење.
11. Овие Заклучоци да се достават до Владата на Република Македонија, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и до сите поканети учесници на јавната расправа.
12. Овие Заклучоци да се објават на веб страната на Собранието на Република Македонија.