Продолжува трендот на раст на цените на мало и трошоците за живот во Република Македонија-продолжува наглото опаѓање на животниот стандард на граѓаните
Според последното (07.04.2022 година) соопштение на Државниот завод за статистика, трендот на пораст на цените на мало, како и на трошоците на живот во Република Македонија и понатаму продолжува.
Така, цените на мало во март 2022 година во споредба со март 2021 година пораснале за 9,6%. Најголем пораст има кај цените на земјоделските производи за 14,3% и кај прехрамбените производи за 10,8%.
Според истото соопшение, трошоците за живот во март 2022 година во споредба со март 2021 година се зголемиле за 8,8%. Пораст има кај сите трошоци, од кои најзначајно е зголемувањето кај трошоците за леб и жита од 16,5%, масла и масти за 21,6%, зеленчук за 17,7%, овошје за 13,2%, електрична енергија за 9,4%, додека за течни горива за огромни 72,6%.
Трендот на пораст на цените на мало и трошоците на живот во Република Македонија, и покрај мерките на Владата на Република Македонија не застанува, напротив продолжува. Имено порастот во месец март 2022 година е повисок во однос на порастот што беше забележан од страна на ДЗС во месец февруари 2022 година, кога порастот на цените на мало во февруари 2022 година во споредба со февруари 2021 година пораснаа за 8,6%, додека трошоците за живот за истиот период се зголемиле за 7,6%.
Ваквиот драстичен пораст на цените на мало и на трошоците за живот во Република Македонија и во месец март 2022 година дополнително го намалува животниот стандард на граѓаните, односно се повеќе граѓани и семејства стануваат сиромашни.
Од друга страна, ваквиот тренд покажува дека мерките на Владата на СДСМ за запирање на растот на цените не даваат резултати.