Просечната плата во март 2022 година номинално достигна 30.000 денари, но таа реално вреди исто колку и лани, во март 2021 година
Денеска премиерот Димитар Ковачески изјави дека владата на СДСМ конечно го исполни своето ветување на зголемување на просечна плата од 30.000 денари.
Оваа изјава премиерот ја даде уште пред Државниот завод за статистика да го објави официјалното соопштение за висината на исплатената нето плата за месец март 2022 година. Имено, според соопштението на ДЗС, просечната плата исплатена во 03/2022 година навистина е 31.080 денари.
Меѓутоа, дали СДСМ навистина го исполни своето ветување или повторно манипулира со бројките, имајќи го предвид фактот дека никој не објавува податоци за тоа колку вработени ја земаат таа просечна плата, но имајќи го предвид и енормното зголемување на цените што се случи во претходниот период.
Факт е дека просечната исплатена плата во месец март 2022 година навистина е 31.080 денари. Но, факт е дека овој просек не го постигнуваат или не го добиваат сите вработени. Или конкретно кажано, според истото тоа сооштение, просечната плата исплатена на работниците во земјоделието е 24.914 денари, во прехрамбената индустрија е 25.372 денари, во производството на текстил е 25.781 денари, а во производството на облека е 21.652 денари. Оние работници што работат во индустријата за преработка на дрво имаат просечна плата од 22.009 денари, а во производството на мебел имаат просечна плата од 22.253 денари.Просечната плата кај работниците во градежништвото е 28.833 денари, кај работниците во комуналните дејности е 23.948 денари, додека кај работниците во угостителството е 22.455 денари. Просекот од 31.080 денари го прават платите на вработените во телекомуникациите, банките и другите финансиски институции и во јавната администрација, освен во образованието.
Ако ова соопштение на ДЗС го споредиме со друго сооштение на ДЗС, кое се однесува за бројот на вработени по сектори и дејности, ќе видиме дека во секторите и дејностите каде што просечната плата е под просекот од 31.080 денари се вработени околу 76% од сите работниците во Република Македонија. Остануваат само околу 24% од вкупните вработени кои работат во сектори и дејности каде земаат плата повисока од просечната плата.
Но, реалната вредност на платата на работниците може да се утврди ако се спореди процентот на зголемување на платата со порастот на цените на мало и трошоците на живот. И повторно ако го разгледаме соопштението на ДЗС за движењето на цените на мало и трошоците на живот за месец март 2022 година можеме да видиме дека ДЗС пресметало дека цените на мало за месец март 2022, во споредба со истиот месец во 2021 година се зголемиле за 9,6%. Од нив, цените на мало за земјоделските призводи се зголемиле за 14,3%, додека цените на мало за прехрамбени производи се зголемиле за 10,8%. Ваквиот пораст на цените на мало предизвикува пораст на трошоците на живот кај граѓаните. Повторно ќе ги земиме податоците на ДЗС: трошоците за живот на граѓаните за набавка на храна се зголемиле за 11,7%, од кои трошоците за живот за леб и жита се зголемиле за 16,5%, за зеленчук се зголемиле за 17,7%, а додека за масла и масти за 21,6%. Пораст има и кај трошоците за ел.енергија во висина од 9,4% и трошоците за течни горива од 72,6%.
Ако ги споредиме овие два параметри можеме да добиеме една реална слика не само за висината, туку и за реалната вредност на оваа просечна плата. Имено, просечната нето плата во март 2022 година, во однос на март 2021 година пораснала за 10,1%, додека цените на мало за истиот период се зголемиле за 9,6%. Оттука реалниот пораст на просечната плата е минимален и изнесува 0,5%.
Ете ова е вистинската слика на животниот стандард на граѓаните во Република Македонија. Вистината е дека граѓаните ни оддалеку не го добиваат она што СДСМ се фали дека го овозможува. Просечната плата можеби достигна и надмина 30.000 денари, но таа не ја земаат 76% од работниците. А и она што го примаат камо плата, поради силниот пораст на цените и трошоците на живот, веќе им вреди помалку.
Што е уште пострашно, тенденцијата на девалвирање на примањата, а со тоа и на пад на животниот стандард на граѓаните ќе продолжи и понатаму. За жал, владата на СДСМ нема ефикасен одговор на тоа.