Се гради водоводот на Трескавец, со проект ќе се заштитува Црквата
Почна да се гради водоводот до манастирот Трескавец без кој не може да бидат ставени во употреба обновените конаци. Проектот опфаќа каптажа, цевковод, главен и помошни дренажни канали за собирање на водата и резервоар. Сега се работи на ископи на потисниот цевковод и на каптажата. Ќе има изведба на дренажен канал од изворот Овоштарник.
-Со тој дренажен канал од 120-тина метри би се донесла водата до каптажата и со потисен цевковод водата ќе се однесе до резервоарот. Ќе има и споредни дренажни канали што би ја прифатиле водата што се цеди, вели Николина Рувческа, градежен инженер, надзор од ЈП за просторно и урбанистичко планирање при општина Прилеп.
Дарежливоста на изворите не е голема. Нема официјални мерења, користени се дел што ги има направено отец Калист и дарежливоста изнесува околу 0,4 литри, а според постарите мерења е 0,8 литри вода во секунда. Во проектната документација е земен податокот дека дарежливоста е 0,5 литри вода во секунда. Еден дел од местото е водорично и со дренажата ќе се прифатат и тие води и се смета дека во влажен период би имале и 1 литар во секунда.-Резервоарот ќе биде со две комори – за санитарна вода што ќе се хлорира за потребите на Манастирот и „пожарна“ вода и ќе биде резерва и нема да се троши за санитарни потреби, туку во случај на пожар. Во резервоарот ќе бидат 43 кубни литри санитарна и 43 кубни литри вода за евентуална интервенција при пожари. Предвидено е и хлорирање, пречистување на водата, објаснува Рувческа.За ова, Владата преку Тав Македонија има обезбедено околу 100 000 евра, а кофинансираат и прилепските градски власти. Главно за електриката и во хлорирањето на водата.Прилепскиот Завод и музеј има стручен тим и надзор кој учествува активно во изведбените работи. Моментално, стручниот тим од Музејот нема најдено предмети или артехакти кои може да го загрозат текот на изградбата на водоводот до манастирот.-Стручниот тим ја разгледа целата траса. Задоволни сме како се одвиваат работите досега. Нема пронајдено археолошки предмети кои би ја одложиле изградбата на водоводот, потврдува Горан Цветкоски, директор на Завод и музеј-Прилеп.Паралелно со изградбата на водоводот се изготвува и проект за заштита, конзервација и реставрација на манастирската црква „Успение на пресвета Богородица“ за која експертите рекоа дека најголемиот проблем за бесценетите фрески е влагата. Проектот треба да биде готов до крајот на годинава.-Ангажиран е тим од домашни и странски експерти. Мислам дека ќе најдеме соодветно решение и крајно време е да се направи исчекор за заштита на Црквата од сите временски влијанија и непогоди. За да можеме, прво, да ја запреме влагата, а потоа да ја санираме и реконструираме Црквата, вели Цветкоски.Конаците на манастирот Трескавец беа уништени во големиот пожар пред 10 години, на 4 февруари 2013 година. За нивната обнова државата одвои околу два милиона евра, но не може да се направи технички прием и да бидат пуштени во употреба додека не се изградат водоводот и мини пречистителната станица. Трескавец е светски познато културно наследство.