Водовод и канализација Прилеп го презедов да го раководам со 206 вработени, додека во овој момент бројот на вработени е 204 лица изјави Гулабоски
Прес конференција на ЈКП „Водовод и канализација“ Прилеп денес одржана од страна на директорот Игор Гулабоски.
Истата во целост можете да ја проследите
Почитувани медиуми, Ви благодарам за вашиот интерес денес да ја проследите мојата изјава како директор на ЈКП „Водовод и канализација“ Прилеп а во интерес пред се на пошироката јавност.
ЈКП Водовод и канализација Прилеп е претпријатие кое претставува сервис за граѓаните и работи со цел кон задоволување на потребите на граѓаните да им овозможи поквалитетен живот.
Како директор на ЈКП Водовод и канализација Прилеп од првиот ден на моето назначување изјавувам дека правам се во интерес на ова претпријатие, да функционира и работи беспрекорно, а граѓаните да се задоволни од истото.
Но, морам да нагласам и да зборувам за состојбите кои ги затекнав во претпријатието како и новите предизвици со кои се соочуваме а веќе претставуваат глобален проблем и за сите други јавни претпријатија.
Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ Прилеп го презедов да го раководам со 206 вработени, додека во овој момент бројот на вработени е 204 лица. Што значи дека овде отпаѓаат сите партиски неосновани напади на локалната опозиција во однос на вработувањата во ова претпријатие. Исто така сакам да потенцирам дека во период од октомври 2017г. до октомври 2021г. реализирани вработувања во ЈКП „ Водовод и канализација “Прилеп се вкупно 69 или во просек на годишно ниво се вработувале по 20 лица. Овде станува збор за проста математика и јавноста може да оцени кој и како ја водел кадровската политика на јавното претпријатие.
Отпочнувањето на енергетската криза ЈКП „Вододовод и канализација“ ја почувствува уште во месец ноември 2021г. со енормно зголемената сметка за електрична енергија. Сакам да ми дозволите да направам овде една споредбена анализа и паралела со цел да може да биде појасно сфатена состојбата на јавното претпријатие.
Цената за електрична енергија како и тарифите за водните услуги малкумина можеби знаат дела ни ги креира РКЕ, тело основано од Влада на РМ. Во моменталните тарифи за водоводните услуги на ЈКП „Водовод и канализација“ Прилеп се калкулирани според цена од 3,16ден. а сегашната е 26,038ден.
Или за да биде и појасно:
Цената на ел. Енергија од јануари до октомври 2021г. по КW/H изнесувала 3,16ден.
А додека цената за месец јули 2022г. по КW/H е веќе 26,038ден.
Тоа значи дека фактурата за потрошена електрична енергија во 10 месец 2021г. била 1.000.000.ден, а додека фактуратa од месец јули 2022г. пристигна во фантасичен износ од 5.500.000ден. (августовската ја очекуваме околу 7.000.000ден)
Овде морам да истакнам разочарување од односот на Владата кон јавните претпријатија посебно од нивната заборавеност да помогнат со нивните политики исто како што тоа го направија кога обезбедија средства за ЕСМ, МЕПСО како и на ЕВН. Односно, очигледно е дека намерно ги заборавија претпријатијата кои имаат главна дејност да ја обезбедат основната потреба за живот на граѓаните, а тоа е водата.
Како човек кој секогаш сака да размислува и работи со визија на подолгорочен период, но и земени во предвид предупредувањата за енергетската криза уште со моето назначување на ова работно место започнав активности и проекти за инсталирање на на фотоволтаици со кои би се намалиле трошоците за електрична енергија. Но, повторно и во овие активности наидовме како претпријатие на игнорантски однос и никаков прием до сега од страна на Владата и ресорните министерства. Законодавецот нема слух да направи измени и да им дозволи на јавните претпријатија каде основачи се општините да произведуваат ел. енргија за сопствени потреби исто како што можат и јавните претпријатија каде основач се јавува државата. Друг двоен аршин со кој се соочивме како претпријатие, а повторно е во корелација со државните институции е тоа што при подготовките за реализација на споменатите активности потребно беше да обезбедиме проширување на дејност во Централен регистар, за што постапката и одговорот од таму сеуште го очекуваме, а нашите информации се дека комуналното претпријатие од Кочани веќе ја има регистрирано оваа дејност.
Од до сега кажаното можете да заклучите како јавност дали Владата на РМ свесно ги кочи и од сите страни финансиски ги притиска јавните претпријатија. Се пршуваме дали нивна цел е јавните претпријатија да се прикажат како неуспешни, со цел да се намалат или прекинат услугите кон граѓаните и се тоа само за политички поени на централната према локалната власт.
Јавното претпријатие и јас како директор на истото се соочувам и со други предизвици и трошоци кои веќе почнуваат да влијаат на стабилното финансиско работење на претпријатието. Но, она што сега е потребно, е да најдеме начин како заедно да ја пребродиме оваа криза со која се соочуваме и ние како јавни претпријатија, но и граѓаните воопшто. Без да се постигни определена заедничка соработка помеѓу сите фактори кои можеме да си помогниме, а со една и единствена цел, тоа е обезбедување на непрекинати, квалитетни и достапни комунални услуги, нема да биде добро за сите.
На потег за поддршка е централната власт. Доста е заобиколување и игнорирање, време е Владата на РМ да најде слух за овие проблеми кои доколку не бидат преземени, тогаш целото оптоварување на трошоците, Владата на РМ остава да падни на граѓаните.
Додека ние како локални раководители во Прилеп, а пред се јас како директор на “Водовод и канлизација“ Прилеп ќе дадем максимум во водењето на одговорна и посветена работа.
Ви благодарам.