Манастирот Св. Јован Бигорски, каде што душата мир најдува….
Како во секој манастир, изграден по подобие на градот Божји – Небесниот Ерусалим, така и овде, во Бигорскиот, средишното место го зазема соборниот храм, т.н. католикон. Тој бил изграден кон крајот на XVIII век, во еден посебен, автохтон архитектонски стил, што се среќава само во мијачката архитектура во време на Преродбата и кој бил условен од строгите ограничувањата што ги пропишувал тогашниот османлиски шеријатски закон. Иако според надворешната архитектура Бигорскиот католикон е скромна еднокуполна градба, сепак е еден од првите поголеми храмови во периодот после освојувањето на Турците-Османлии. Грандиозноста на храмот се должи на фактот, дека неговата изградба е одобрена со посебен ферман – дозвола од султанот. Дело е на мајстори-градители, копаничари и зографи од дебарскиот крај.
Византискиот стил на архитектурата на Бигорскиот храм побудува смирение, како однадвор, така и внатре. На влезот од храмот се наоѓа нартексот, украсен со мермерна преграда – трифора, која го затвора пристапот кон централниот дел на храмот и го исполнува просторот со необична тишина и полумрак. Затоа тука, во пригушената светлина на внатрешниот нартекс, луѓето ги обзема чувство како да се оддалечуваат од светот и световните грижи. Оваа светлина се зголемува како што се навлегува во централниот дел на храмот, особено за време на Божествената Литургија, кога обилно се излева во олтарот, постепено издигнувајќи го верникот од земното кон небесното. Ваквиот впечаток за присуството на небесното се засилува уште повеќе од трансцендентната убавина на фрескописот во црквата, кој низ своите ликовни прикази ни раскажува за животот и чесните страдања на Спасителот. Најпрво била фрескописана куполата, која е дело на непознат зограф. Во центарот на куполата е претставен Христос како Пантократор (Седржител), Кој постои без почеток и крај, полн со величие, милост и праведност. Со едната рака Тој благословува, испраќајки му ја на светот својата божествена благодат, а со другата го држи Светото Евангелие, благовестејќи му ја вистината на светот.
Во помалата купола, која била фрескописана околу 1866 год., е претставен ликот на Претечата, опкружен со сцени од Пронаоѓањето на неговата чесна глава. Со возобнувањето, пак, на манастирскиот живот, пополнета е и онаа празнина во фрескописот, која постоеше уште од самите почетоци на црквата. По долги години, во олтарниот дел, најпосле, беше фрескописана Мајката Божја – Поширока од небесата, која ги поврзува небото и земјата, опкружена со фреските на архиереите.
Игуменот Арсениј започнал со внатрешно уредување и декорација на црквата уште во 1810 год. Во долгата Бигорска историја тој ќе остане запаметен како наголемиот бигорски ктитор, најзаслужен за благолепието на храмот, со ангажирањето на иконописци и зографи, а особено со порачките и ангажирањето на најдобрите мијачки резбари, кои го направиле иконостасот, како и уметнички изработените владички и игуменски стол. Во тогаш новопроширениот храм, прв резбарски потфат бил балдахинот, изработен во Елбасан, Албанија, каде што мијачките копаничари имале своја резбарска работилница, а манастирот свои имоти. Во тоа време комуникацијата меѓу манастирот и Елбасан била мошне жива.
Балдахинот е уникатно резбарско дело, какво не може да се најде во ниту една друга црква. Тој, едноставно, лебди во воздух над Чесната Трпеза, прифатен со четири вериги. На секоја од четирите страни на балдахинот се вкомпонирани повеќе претстави од Светото Писмо. На челната страна од балдахинот се наоѓаат „Благовештение“ во централниот дел, „Гостољубие Авраамово“ лево и „Сретение Господово“ десно. На јужната страна највпечатлива е композицијата „Рождество Христово”. Северната страна е зафатена со композицијата „Отсекување на главата на Св. Јован“. Западната страна, пак, за разлика од другите , нема таква декорација.
Сепак, најубавиот украс во црквата и она по што надалеку е познат овој храм, е секако прекрасниот и единствен од ваков вид во Православието – иконостас, врвно дело на мијачките копаничари, кои, по својата вештина на обработка на дрвото, останале ненадминати и до ден денес. Тоа се прочуените Петре Филиповски – Гарката од с. Гари, со својата тајфа и Макариј Фрчковски од Галичник. Тие ова монументално дело го завршиле за зачудувачки кратко време, од 1830 до 1835-та год. Во истиот тој период биле повикани и познатите зографи од Самарина, Михаил и неговиот син Димитриј, кој подоцна се замонашил овде и го добил името Даниил. Тие ги завршиле иконите на иконостасот, така што заедно со иконите, тој формира една целина, еден целосен приказ на Светото Писмо во резба.
Она што го прави единствен и неповторлив иконостасот, е употребата на човечката фигура. Тука мијачките копаничари ја покажале сета своја вештина, сместувајќи, на релативно мал простор, значителен број на сцени од Стариот и Новиот Завет. Овие сцени се прикажани на таков начин, што ни се пренесува драматичноста на целата ситуација, како да е жива и реална, како да се одвива пред нашите очи.