Биткоин повторно над 30000 долари
Поради финансиската криза во светот и проблемите на големите банки, инвеститорите повторно се насочуваат кон криптовалутата биткоин.Се чини дека биткоинот сè уште не го кажал последниот збор. По ужасната 2022 година, или „криптозимата“, инвеститорите гледаа како вредноста на оваа дигитална валута незапирливо паѓа и во тој процес „испарија“ повеќе од 31.000 долари по биткоин.
Најпопуларната криптовалута влезе во 2023 година со вредност од 16.605,10 долари, што е импресивна бројка ако ги поминавте претходните 10 години под камен, но вистинска катастрофа во споредба со нешто повеќе од 47.000 долари, што беше најголема вредност во 2022 година.Сепак, се чини дека работите се подобруваат, бидејќи од почетокот на годината е забележано речиси континуирано зголемување на вредноста, па така 1 биткоин вреди 30.017,40 долари во моментот на пишувањето, или 82 отсто повеќе отколку на 1 јануари. Всушност, криптовалутата моментално е на највисока вредност од јуни минатата година.Се разбира, ова не е ни приближно до историската вредност од ноември 2021 година, кога беше неопходно да се издвојат речиси 67.000 долари за 1 биткоин.Како што обично се случува, други криптовалути го следеа растот на биткоин, па валутата Ethereum сега се тргува по цена од 1.915 долари, додека на почетокот на годината вредеше околу 1.200 долари. Исто така, Binance Coin оствари 33 проценти оваа година, како и Litecoin.
Експертите сметаат дека овогодинешниот раст е поврзан со колапсот на Silicon Valley Bank и проблемите што следеа по тој настан. Според Бредли Дјук, ко-извршен директор на крипто берзата ETC Group, инвеститорите ги привлекуваат криптовалутите бидејќи ги гледаат како средство надвор од традиционалното банкарство и финансии.Многу компании реинвестираат во биткоин, а една од нив, MicroStrategy, минатиот месец откри дека купила околу 6.450 биткоини по просечна цена од 23.238 долари. Заклучно со крајот на март, MicroStrategy поседува 138.955 монети од оваа дигитална валута, чија просечна набавна вредност е 29.817 долари, а нивната вкупна вредност е 4,2 милијарди долари.