Колумна на Љупчо Цветановски
„Не плус 10 денара за литар нафта, дигни 100-ка и да фатам џафта
Море илјадарка литро нафта нека удри, само да не водат ко Славјанка глави мудри Струја покачи 500 насто Таче мој, да се знае кога се уклучуе бојлер кој е кој И лепче стај на стотка, само со Заев црпнат да имам фоткаСе’ до небеса дигни, немиен да не мојт да не’ стигни Ако треба и жив одери ме, ама исполни ми фатум, ЕУ пуста да ни даде датум…“ Ова би била првата строфа од одата на жалоста на северџанските мазохисти и Марии Антоанети. Во стилот на „Радувањата на Радован“ или поверојатно, на Ковачевски. Да не се лажеме, Заевци и онака порадо, со голем ќеф и уште поголем елан би ја прифатиле за химна и оваа глупост што ја склепав за три минути, само да го нема Гоце Делчев во неа, како во нашата, македонска химна. Затоа што Гоце со Даме, Јане и Питу, многу им пречи во датумот, опасно им сметал на пустите неолиберални подлизурковци. Голем бугарски непребол на црпнатите чеда. Кој од нива, кој од Телеком, кој од Бихаќка…
Само… Една работа не можам да ја разберам, ама ич. Национално не’ направија мајмуни -под ниво од она приматот што првпат фаќа коска во Одисеја 2001, здравствено не лизнаа на степен на среден век – со пијавици и бајачки да се лечиме, воено сме послаби од Ацтеките во 16-ти век, економски станавме обожаватели на Грција во 80-те, на секое можно поле тонеме ко Атлантида, а идолопоклониците и натаму, ко слеп за стап, веруваат во „каузата“ на алаш-вериш Заевци и компанија?
Среде светска безбедносна криза, не оставија со Славјанка со која се мајтапи цел свет и пошироко, Про-оливер ни е гарант за внатрешна безбедност, Бујар (во тупе местење пауза) се бори за македонски национални интереси, Артан Нежни ни тера преговори за историја, Сали заболекарот ни го води здравството во корона, тој за економија никој и не го знае среде економско-енергетска криза, Љупче нема абер што путер бара во земјоделие, а збунка престолонаследникот Таче најмалку знае што мајка бара на премиерска позиција. Таксират македонски, ама голем.
И не чудете се, овие ликови се создадени за криза, затоа што знаат да пливаат во матно. Ок, да бидеме фер, ги насочуваат и теле-диригираат де, ко дроновите на невенчаниот муж на Царовска, на далечинско. Сетете се само на независноста и кој и како ја лапна власта кога ЉуБчо се уплаши и пишмани, па дежа ву-то кога истиот „војвода“ бојкотираше, па репризата кога некој ја водеше посткофликтна Македонија, па кога истиот тој три пати аболиран дојде без победа на власт по шарената дееволуција која од учесниците направи мајмуни, а од државата протекторат, па како истите среќлии „победија“ среде корона криза со пад на системот. И како повторно со Таче престолонаследник владејат и во Украинскава криза, а требаше да паднат заедно со врховниот им зевзек Заев. Северџани или не, но создадени се за криза. Не, не за да ве извадат од истата, никако, туку да ве дозакопаат.
И не бадијала велат дека не е вистина дека сме сиромашна земја. На толку крадење, а уште да има и да преживуваме, мора да сме екстремно богати.
И не грижете се, струјата отиде по ѓаволите и морските вештерки, горивата штотуку ќе одат, СДСС ќе ве лажат дека ви покачиле пензија, минимална плата во куповна моќ е 100% поминимална од пред 5 години, производите скокнаа по 50 насто саде последниов месец, ќирии и по повеќе, регистрација на возила лета, патарини да не правиме муабет, патлиџанот и во „најлошо“ во август не паѓа под пеевче, круши ќе сонуваме, а шопска без краставица ќе правите. Уште погрдо, патриоти дремат без везе по затвори, Рашковци и компанија се шеткаат, а Кичевци убиваат и од затвор, Димова и Дончев ги снема од радарот заедно со „правдата и мирот“, ама не се „секирајте“, се’ си е тамам. Поарно не било, на Заев му е супер, прашајте го Џуниор и „вавриката“ му за струја.
Битно, радиодуфузна такса нема, аферим…