ДУИ: Не си играјте со Албанците! Ова има последици за стабилноста…
Централното претседателство на ДУИ вчера се собра во седиштето во Мала Речица за да разговара за последните политички случувања во земјата создадени по изборите на 8 мај.ДУИ како предводник на Европскиот фронт во консултација со сите останати партии кои ја сочинуваат оваа коалиција ги координираат идните активности што ќе ги преземаат во наредните денови.
Според извори на ТВ21, лидерите денеска ќе се сретнат и ќе испратат сериозна порака и предупредување до ВМРО-ДПМНЕ да не си игра со Албанците и да не ја потценува волјата на мнозинството Албанци како втора по големина заедница во државата. Според извори на телевизијата, лидерите на Европскиот фронт и Али Ахмети ќе го предупредат ВМРО-ДПМНЕ, но и лидерите на ВЛЕН да го почитуваат легитимитетот произлезен од изборите на 8 мај.
Извори на ТВ21 велат дека на средбата било споменато дека Европскиот фронт со фанатизам ќе го брани легитимитетот на Албанците во земјава, во спротивно ќе се изгуби потребата од политичко организирање на Албанците во Македонија.Тие велат дека со ваквата политика ВМРО-ДПМНЕ се обидува во иднина да ги натера Албанците да се постројуваат зад македонските политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, а со тоа и да се изгуби потребата од политичко организирање кај Албанците.
Од Фронтот предупредуваат дека со ваквата политика се загрозуваат стабилноста и перспективата на државата, но и економската и социјалната стабилност.
Лидерите на Европскиот фронт средбата ќе ја одржат денеска во 13 часот во Холидеј ин, по што останува да се види со какви изјави ќе излезат.