Дали владата манипулира со вработените во јавниот сектор и барањата на синдикатите за зголемување на платите?
Во Република Македонија евидентно е огромното незадоволство на работниците поради неисполнувањето на барањата за зголемување на платите од страна на владата на СДСМ. Партијата која во својата основна декларативна заложба го има социјалниот момент, сега се обидува да ги игнорира легитимните барања на работниците, изразени преку соодветните синдикални организации за зголемување на платите. Овие барања се сосема легитимни, затоа што во претходниот период порастот на сите цени, а особено на цените на основните животни продукти-леб, млеко, масло, шеќер, месо и други слични производи вртоглаво растеа. Ваквата тенденција, според сите предвидувања, за жал и понатаму ќе биде присутна. Сето тоа придонесе, а и понатаму ќе придонесува за сериозен пад на животниот стандард на граѓаните, што од своја страна е главниот мотив за барањата на синдикатите.
Во претходниот период беа одржани протести на вработените во управата и правосудството, организирани преку УПОЗ, а од денес започнува штрајкот на вработените во образованието и детската заштита, под организација на СОНК. На овие протести поддршка им даваат и КСС и ССМ.
Од друга страна владата на Република Македонија, засега одговори со поднесување на измена на законот за административни службеници до Собранието на Република Македонија. Меѓутоа, и овој предлог од страна на КСС е оценет како понижувачки и со тоа се врши само манипулација со вработените во јавниот сектор. КСС повика и пратениците да не го гласаат овој закон.
За тоа дали со овие измени на законот за административни службеници Владата на СДСМ навистина им излегува во пресрет на барањата на синдикатите, или пак манипулира со нив, разговаравме со Иле Тасески, дипломиран економист и познавач на оваа проблематика.
-Што всушност се променува во законот за административни службеници? Ќе добијат ли вработените во јавниот сектор линеарно зголемување на платите, како што бараат или не?
Со предлогот за измена на законот за административни службеници се врши само промена на структурата на основната компонента на платата на административните службеници. Имено, претходно основната плата се состоеше од дел на плата за степен на образование, дел на плата за ниво и дел на плата за стаж. Со овие измени сега во структурата се додава минималната плата, но за сметка на тоа се намалуваат висината на бодовите во делот на платата за степен на образование и ниво. Ако ја примениме оваа промена при пресметување на платата на административните службеници ќе видиме дека тие ќе добијат минимално зголемување од 100-300 денари, што во суштина не е никакво зголемување. На пример, ако некој административен службеник бил распределен на ниво В2-стручен административен службеник од второ ниво, имал високо образование и работен стаж од 15-16 години, наместо 446 бодови и нето плата од 26.100 денари, со овие измени ќе има 127 бодови и нето плата од 26.300 денари.
-Што треба да направи Владата на Република Македонија за да ги спроведи барањата на синдикатите и работниците и тие да добијат зголемени плати?
Доколку владата и владините институции сакаа да направат линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор во висина од 2.800-3.000 денари, како што бараат синдикатите, треба да интервенира само во вредноста на бодот. Ваквата можност и право на Владата е утврдено со членот 88 од Законот за административни службеници. Тоа е вистинскиот одговор на барањата на синдикатите, а не да се носат измени на овој закон. Овие измени во суштина сега не менуваат ништо и не се во согласност со барањата на синдикатите. Единствено, со овие измени се остава можност во иднина, во март 2023 година кога ќе дојде до редовно законско усогласување на минималната плата, тоа автоматски да ја зголеми платата на административните службеници. Но, тоа ќе се случи во март 2023 година, а не сега, во април 2022 година. Исто така, нагласувам дека овие измени се однесуваат само на оние вработени кои имаат статус на административни службеници. Додека за да се овозможи ваквиот автоматизам и за останатите вработени во јавниот сектор кои имаат статус на даватели на услуги и помошно-технички персонал, ќе треба во наредниот период да се променат голем број на закони и колективни договори.
-Кое е вашето мислење, како ќе се развива евидентниот судир на работниците и нивните синдикални организации, од една страна и Владата од друга страна?
Прво, да нагласам дека барањата на работниците се сосема легитимни, имајќи го предвид вртоглавиот раст на цените, а со тоа и трошоците за живот, што од своја страна предизвикува пад на животниот стандард на граѓаните во Република Македонија. Одговорот на Владата со сите мерки што ги спроведува не е сосема соодветен, бидејќи драстичниот скок на цените не е амортизиран. Поради задоцнетоста на мерките, цените се уште се на високо ниво. На пример, цената на лебот пред само 4-5 месеци беше 20 денари, за да достигна ниво од 30 денари пред околу еден месец. А тоа е зголемување од 50%. Мерките на владата не ја намалија цената, туку ја стабилизираа на повисокото ниво. Ова се случува со најголем број на артикли. Но, тоа не значи и дека цените нема да растат и понатаму. Според сите очекувања растот ќе продолжи и во иднина. На овој пораст на цените наскоро може да се придодаде и проблемот со недостаток на производи, во прв ред на пченица, маслото и ред други основни животни производи, што дополнително ќе ја искомплицира и онака тешката ситуација.
Ова што сега се случува може да се карактеризира како почеток на еден вид на социјално незадоволство, манифестирано преку протести и штрајкови на дел од синдикатите. Меѓутоа, ако Владата на Република Македонија не превземи ефикасни мерки, голема е веројатноста ова незадоволство да премине во социјални немири што можат да ја парализираат државата.
Лично сметам дека критичен ќе биди периодот околу, а особено после велигденските и првомајските празници. Тогаш граѓаните ќе се соочат со реалноста и големината на падот на нивниот животен стандард.