Колумна на Дејан Проданоски, Претседател на совет на Општина Прилеп
Патолошкиот страв на владата на СДСМ од локалната власт на ВМРО–ДПМНЕ во Прилеп
Има ли владата на СДСМ некаков патолошки страв од локалната власт на ВМРО- ДПМНЕ во Прилеп?
Ова прашање логично се наметнува по неколкуте посети на министри, но и на премиерот на Владата на Република Македонија во Прилеп, при што ниту еден од нив не се сретна со носителите на локалната власт во општина Прилеп.
Прва беше посетата на министерката за култура Бисера Стојчевска- Костадиновска. Бидејќи нејзината посета се совпаѓање со настан на локалната власт во домот на култура, министерката не знаеше каде да се скрие само за да не се соочи со градоначалникот Јовчески, а не пак да се поздрави како што налагаат културните обичаи. Толку од културата на оваа министерка за култура.
Потоа следуваше посетата на министерката за труд и социјална политика. Во нејзината агенда имаше место и време само за посета на центарот за социјална работа и неколку семејства кои се корисници на одредена форма на социјална заштита. Оваа посета беше толку инкогнито, што ниту прилепските медиуми не знаеја дека во Прилеп има висок претставник на власта. Толку од транспарентноста на оваа министерка.
И последно, самиот премиер Димитар Ковачевски го посети Прилеп (и тоа по вторпат), но не и локалната власт. И тој не најде ниту време ниту причина за барем формално да влезе во општинската зграда, да испие едно кафе и на новата локална власт да ѝ посака успех во работењето – чисто куртоазно.
Господине премиер и господа министри, и Прилеп е во Македонија.
Тоа што локалната власт е од редовите на друга партија, која е опозиција на централната власт, не значи дека треба по секоја цена да се игнорира. Ова ли е политиката на СДСМ на оној реформиран, ресетиран и демократски државотворен СДСМ, политика на игнорирање и избегнување?
Со ова, во најмала рака, министрите и премиерот даваат јасни знаци дека со тоа што не се подготвени ниту да се видат со претставниците на локалната власт која не е од нивните редови, тие не се подготвени, ниту расположени да ѝ дадат и друга поголема поддршка на таа локална власт. Ова е доказ дека централната власт на СДСМ ќе дејствува игнорантски во однос на потребите, не само на Општина Прилеп, туку и на локалните самоуправи каде што власта е во редовите од опозицијата.
Културата, социјалната заштита и економскиот развој се надлежности кои ги делат и централната и локалната власт. За спроведување на овие надлежности, тие треба тесно да соработуваат, ако ништо друго, барем во интерес на граѓаните. Но, се случува токму спротивното. Така, министерката за култура не беше расположена да ја сослуша локалната власт во Прилеп за заеднички да реализираат нови проекти во областа на културата. А Прилеп изобилува со споменици на културата и реализира голем број културни манифестации. Министерката за труд и социјална политика немаше желба да ја сослуша локалната власт за потребата од подобрување на квалитетот на социјалната заштита, но и од потребата за воведување нови форми на социјална заштита на населението во Прилеп. А во рамките на Општина Прилеп функционира Дневен центар за лица со посебни потреби за чиешто работење, патем, централната власт партиципира само со 3 – 4 вработени лица. Премиерот на Владата смета дека нема што да разговара со локалната власт во Прилеп на најгорливата тема – локалниот економски развој, а тоа е надлежност која ја делат и централната и локалната власт и, што е поважно, тоа е тема од чиешто решавање корист ќе имаат сите граѓани во општина Прилеп, дури и оние коишто се гласачи и симпатизери на СДСМ.
Оправдание за ваквиот однос на челниците на македонската централна власт може да се бара во две насоки. Или СДСМ има патолошки страв од локалната власт на ВМРО ДПМНЕ во Прилеп, па се обидува по секоја цена да избегне секаква средба, или СДСМ има намера да ги игнорира потребите и проблемите на Општина Прилеп.
Можеби сè уште ги „држи“ силината на поразот што го доживеаја на последните локални избори, па тоа им буди некаква појава на страв од соочување со победниците. Меѓутоа, сепак мислам дека ова второво е повеќе веројатно. Па, не се белким толкави „коркачи“!
И на крај, што би рекле старите, ако по утрото се познава денот, тогаш периодот што ни следува ќе биде особено тежок за локалната власт во Прилеп, затоа што ќе биде оставена сама да си ги решава проблемите, кои патем ѝ ги оставија кадрите на истиот тој СДСМ. Но, ова не е чекор назад, туку чекор напред затоа што локалната власт во Прилеп само го констатира фактот што претходно беше претпоставка, а тоа е дека ќе мора да се потпри исклучиво на сопствените сили и ресурси ако сака нешто да направи.