Мицкоски на НАТО Самитот: За државните интереси, за јакнење на демократијата и подобар живот на граѓаните
Македонска делегација предводена од премерот Христијан Мицкоски присуствува на НАТО самитот кој се одржува во Вашингтон.-На официјалниот почеток на НАТО самитот во Вашингтон. За државните интереси, за јакнење на демократијата и подобар живот на нашите граѓани, објави премиерот на Фејсбук.
Во Вашингтон продолжува Самитот на НАТО, со кој се одбележуваат 75 години од формирањето на Алијансата во 1949 година. Главни теми се обезбедувањето сигурна и стабилна поддршка за Украина, плановите за одвраќање и одбрана на членките на Пактот, зајакнување на одбранбената индустрија и инвестициите и зацврстување на глобалните партнерства.
Генералниот секретар на НАТО во заминување Јенс Столтенберг синоќа изјави дека очекува на Самитот да бидат донесени важни одлуки за иднината на Алијансата, како и одлуки за натамошно зајакнување на помошта за Украина. На Самитот учествува и македонска владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски во чиј состав се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, исто така, е во Вашингтон каде учествува на Парламентарниот самит на НАТО.
Остварени се голем број билатерални средби со државници на земји членки на Алијансата, но останува неизвесно дали на маргините на Самитот, Мицкоски ќе се сретне со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој исто така учествува на Самитот.