Одбележан празникот 3-ти Ноември, 79 години од ослободувањето на Прилеп!
Одбележан празникот 3-ти Ноември, 79 години од ослободувањето на Прилеп!
Со оддавање почит на паднатите борци во НОБ, градот првоборец, Прилеп, го одбележа 3-ти Ноември, Денот на ослободувањето од фашистичкиот окупатор. По тој повод, претставници од Локалната самоуправа, предводени од градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески, претставници од Советот, предводени од претседателот на Советот на Општина Прилеп Дејан Проданоски, претставници од АРМ, политичките партии, Сојузот на борци од Прилеп, граѓани и граѓански здуженија, положија свежо цвеќе пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, пред споменикот на Кузман Јосифоски – Питу , Могилата на непобедените и на споменикот кај месноста Песјобрдце.„Само во последните два дена Прилеп дал 78 жртви, херои на Народноослободителната војска на Македонија. Им благодариме за идејата, за храброста и за визијата што ја имале да бидиме свои на своето. Вечно ќе се сеќаваме да не бидат заборавени, но и да им оставиме аманет на следните генерации да го почитуваат овој голем ден во чест на 3-ти Ноември 1944 година и на сите оние кои што ги положија животите за нашиот Прилеп.„- во чест на празникот истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.Претседателот на Советот Дејан Проданоски исто така го честиташе денешниот празник и истакна дека годинешната програма по повод 79 години од конечното ослободување на Прилеп од фашистичкиот окупатор, под мотото Прилеп – Херој, борец, хуманитарец, продолжува вечерва, во 18:00 часот во Домот на културата „Марко Цепенков“ со изложбата „Прилеп низ стари фотографии“ а завршува во големата сала со Свечената седница на Советот на Општина Прилеп и доделувањето на наградите 3-ти Ноември! Денеска во Прилеп се одржува и државно првенство во пинг-понг за средни училишта во спортската сала на СОУ „Ѓорче Петров“ и традиционалниот ликовен хепенинг на Ротари клубот Прилеп, на Арт плоштадот пред Центарот за култура.