Петар Ристески: Поддршка за Законот за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој
И покрај сите дезинформации поврзани со Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, по скратена постапка, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“ и опозициските пратеници членови на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство цврсто застанаа со конкретна поддршка на предложеното законско решение, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Петар Ристески, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
-Сакаме да истакнеме дека денес на комисиската Седница, а потоа и на пленарната Седница, ќе дадеме целосна поддршка на законот, со што најдиректно да ги отфрламе сите дилеми околу тоа. Притоа сакаме да појасниме неколку битни елементи соддржани во текстот, а воедно и до Владата на СДСМ и ДУИ поставуваме неколку прашања на кои бараме одговор и ние, но и земјоделците: Имено, со Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, покрај претходно предвидените услови, со кои земјоделските стопанства не треба да имаат парични обврски кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за користење на поддршка по Програмите за финасиска подршка во земјоделството и руралниот развој, воспоставен е услов земјоделските стопанства да немаат обврски ниту по основ на неплатени даноци и придонеси за кои е надлежна Управата за јавни приходи, со што се предизвикаа проблеми во имплеметацијата на изминатите годишни Програми, вели Ристески.
Тој додава дека овие проблеми не се отстранети ниту во 2017, ниту во 2018, 2019, 2020 и ниту во 2021 година, а со истиот проблем земјоделците се соочуваат и оваа 2022 година, иако Владата на СДСМ и ДУИ имаше можност за корекција.
-Прашуваме, зошто не се донесе конечно решение со кое овој услов ќе се изземе, односно укине и ќе се врати старото законско решение од пред 2015 година, кога тоа не постоеше и кога обврските се подмируваа со пребивање на одобрените субвенции? Зошто е потребно секоја година да се врши притисок врз земјоделците, тие да се чувстуваат несигурни во законски стекнатото право да ги добијат предвидените субвенции, односно земјоделската финансиска поддршка? Истовремено прашуваме, зошто на земјоделците кои веќе имаат доставено уредна документација за подмирени обврски кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и кон Управата за јавни приходи не им се исплатени субвенциите на нивните трансакциски сметки? Поставуваме прашање колкав е периодот за издавање на потребната документација од страна на Управата за јавни приходи и дали е тој поддолг од 24 часа и зошто е тоа така? Прашуваме дали меѓу Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој постои меѓусебна координација со податоците за земјоделските долгувања и дали функционира системот на контрола на долгувањата по сите основи? Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова на Македонија“ со поддршката на Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој инсистираат тој да биде ставен на дневен ред на првата пленарна Седница на Собранието на Република Македонија и за тоа бараме поддршка од сите пратеници, особено од пратениците на СДСМ и ДУИ! Македонските земјоделци имаат право да добијат одговор на поставените прашања, подеднакво на правото на добивање на субвнциите врз основа на нивниот чесен труд, вели Ристески.