Прилепчани имале бања уште во римско време, деновиве откриена од археолозите
Остатоци од градба на римска бања, најверојатно јавна, открија археолозите од прилепскиот музеј со најновите археолошки ископувања на античкиот локалитет Долиште, меѓу прилепските села Прилепец и Волково. Остатоците се од 3 и 4 век од римско време.
Според археологот од прилепскиот Завод и музеј, Душко Темелкоски наодите се ексклузивни и укажуваат и на системот на загревање, а димензиите се 11 на 9 метри што укажува на голема градба и најверојатно јавна бања од римското време. На истражувањата на тој дел од локалитетот се одлучиле откако забележале диви, нелегални копања.
– Со ископувањата увидовме дека има убаво сочувани ѕидови од градба. Во овие десетина дневни истражувања откривме градба од римско време, од тој град чие име сѐ уште не му го знаеме. Оваа градба има повеќе простории и ние имавме среќа да ја откриеме онаа каде била бањата. Римјаните во античкиот свет се изумители на бањите. Конкретно, системот за загревање, таканаречен хипокаустен систем кој се состои од две подни нивоа. На првото ниво се изѕидани керамички столбчиња од керамички тули, врз нив имало други керамички плочки за второто подно ниво. Меѓу двата пода во празниот простор струела топлата пареа и така се загревала просторијата од бањата, објаснува археологот Темелкоски.
Ова е втора бања откриена во Прилепскиот регион, но единствена која треба да продолжи да нуди ексклузивни наоди. Првата римска бања, која била на некој богат римјанин е истражувана во 1965 година на локалитетот Пештерица. Тоа биле заштитни истражувања, зашто таму сега е акумулацијата на Прилепското езеро.