Кузманоска за СДСМ: Слоганот „Повеќе за сите“ требаше да си го именуваат „Повеќе за нас и нашите фамилии“
Во целост ви ја прикажуваме прес-конференцијата на Билјана Кузманоска од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.
Почитувани, Вчера во посета на Прилеп, на некаква си партиска трибина, присуствувал и ненародниот, самопрогласен премиер Димитар Ковачевски кој без трошка срам зборувал за некаква грижа за народот. И самиот Ковачевски знае дека владата предводена од СДС и ДУИ, ќе остане запаметена како најнеспособната влада досега. Владата на Димитар Ковачевски е препознатлива по досега највисокото рекордно ниво на корупција за која jaвно и отворено говорат и странските претставници, по скандалите од невиден размер како оној во Онкологија, каде профитот е побитен од животот и здравјето на луѓето, по бизнисите на роднини и пријатели на партиски функционери и масовниот грабеж врз грбот од народот. Ако беа доблесни, слоганот „Повеќе за сите“ требаше да си го именуваат „Повеќе за нас и нашите фамилии“. „Грижата“ на СДС за народот се гледа во рекордното покачување на платите за функционерите за 78%, кои после Нова Година ќе земаат дополнителни 400 евра покачување, во милионските пенали кои се плаќаат од наш џеб за автопатите, во вработување на строго партиски послушници и нивните најблиски. И наместо зад затворени врати пред членството да ветува брда и долини, Ковачески и заменик министерот за земјоделие, требаше да бидат на пунктовите за откуп на тутун и да изразат поддршка за тутунарите и да ги прашаат зошто не го предаваат тутунот оваа година? Ковачески требаше да побара одговорност од министерот Спасовски и oд кадрите поставени во МВР, за тоа што се случува со безбедносната состојба во Прилеп, каде последните денови не постои ден, а да нема опожарено ново возило во градот? Почитувани, граѓаните се мудри и знаат да препознаат дека овие 500 до 1000 денари, за студентите, за пензионерите, за социјално ранливите категории, не се ништо друго освен евтин предизборен поткуп, споредено со милионските украдени суми. Вистинската грижа за сите граѓани следува после изборите и катастрофалниот пораз кој СДС ќе го доживеат.