Груевски се согласува со Јане Ченто, еден ден ќе изгрее сонцето на слободата.
Поранешниот премиер Никола Груевски со поддршка на уставобранителите и се согласува со Јане Ченто:
“Кога беше во притвор во Шутка, во ќелијата во која што бил од власта лица се дојдени кај него, му рекле, ќе зборуваш како што ќе ти кажеме и ќе бидеш ослободен од обвиненија. Кога слушнал Јане, рекол дека не сака никакви такви работи. Им рекол, не сакам да ве видам веќе, јас не сакам никој да не земам на душа што не направил ништо, вели татко му, но додава дека обвинителството нашло лажни сведоци кои ги наклеветиле учесниците, меѓу кои и Јане”.
Ова што го говори таткото на Јане Ченто верувам дека е точно. Верувам затоа што и мене ми се случи.
Еден ден бев повикан во обвинителството да дадам изјава мислам за два предмета. Едниот беше ТНТ. Изненадувачки бев повикан вон работното време и ги немаа известено медиумите дека доаѓам како што обично прават.
Отидов со адвокатот и дадов изјава пред обвинителите, за едниот, па за другиот предмет. По некое време влезе и Катица Јанева која иако почна мирно и сталожено да разговара, набрзо влезе во вербален конфликт со адвокатот бидејќи тој на секој нивен незаконски чекор многу стручно и бескомпромисно им укажуваше што се прекршуваат во постапката во случајот а тие немаа правни аргументи како одговор, па фрустрацијата растеше од миг во миг.
По кратко време таа излезе и на излегување побара кога ќе завршиме да се сретнам со неа во нејзината канцеларија. Кога отидов на вратата побара и инсистираше да бидам сам, без адвокатот, на што тој реагираше, но јас го замолив да дозволи и да видам што всушност сака да каже.
На почетокот со многу пријателски тој ми кажа дека за мое добро треба да го сменам адвокатот бидејќи многу штета ми прави и дури ми посочи неколку други адвокати кои по нејзино мислење би биле подобни, а плус според неа биле политички наклонети кон мојата партија. И кажав дека сум многу задоволен од адвокатот а дека тие што ми ги кажа не ги познавам и за повеќето дека имињата прв пат им ги слушам. Неколку месеци подоцна мојот адвокат сам се повлече под очигледен жесток притисок и сериозни закани. Му беше многу непријатно, беше преплашен од тоа што го добил како порака, … но настрана сега тоа.
Втората тема беше за предметите за кои кажа дека добро им напредувале. И одговорив дека предметите им се конструкции без никакви докази и дека ако се суди по закон ќе им пропаднат напорите. Дека немам никаква вина и дека попусто ме малтретираат.
Тука наидов на изненадувачка реакција заради која веројатно и бев повикан.
Најпрвин ме пофали дека навистина сум бил многу успешен премиер и дека сум направил многу за земјата, дека многу сум работел и дека таа тоа многу го цени. Веројатно тоа беше влог во стекнување доверба.
“Па добро”, продолжи таа, еве јас се согласувам дека навистина вие немате вина, но ајде помогнете ни за другите”.
“Што да ви помогнам и за кого” ја прашав. Почна да набројува имиња, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски, Мартин Протогер и уште неколку други.
“Еве вие помогнете ни за да ја докажеме вината за нив и ние ќе се согласиме дека вие немате вина” одговори шефот на СЈО со прилично милозвучен глас и поглед со блага насмевка кој требаше да ми влее чувство на добронамерност и доверба.
“Чекајте ве молам, дали тоа вие од мене барате да ги наместам другите за вие да ме ослободите мене?”, ја прашав.
“Па немојте така да ги сваќате работите, јас само барам да ни помогнете, да имаме соработка”.
И одговорив дека луѓето добро ги познавам и знам дека немаат никаква вина. Дека и тие како и јас сме под политички прогон и дека немам ништо во прилог што би и помогнало, а да местам некој невин, тоа не доаѓа во предвид.
“Добро”, одговори подналутена и веќе со поостар тон. Тогаш ние ќе продолжиме со нашата работа, по што по кратко ја завршивме средбата.
Така што, ова што го говори таткото на Јане Ченто сигурен сум дека е точно. Им го знам стилот, бидејќи го почуствував на мене.
Во мојот случај не се дрзна да оди со брутални закани, како што тоа го прават кај другите кои ќе одговорат како јас. Најчесто продолжението е закана во која на тој што одбил да им биде инструмент во местење други му кажуваат колку години ќе лежи затвор, како ќе биде уништен, ако има бизнис дека ќе му биде уништен бизнисот, ќе му се растури семејството, децата ќе му растат без татко или ако е жена без мајка, ќе го напуштат пријателите, ќе му попушти здравјето итн. Па завршуваат со зборовите “размисли ти, вреди ли сето тоа или е подобро да соработуваш, да ни помогнеш, а и ние тебе да ти помогнеме” и додаваат дека тие веќе имаат се, имаат и други сведоци и слично, а најчесто ништо немаат.
Ако почувствуваат колебливост тогаш повторно уште неколку пати ја викаат жртвата со истите цели и со уште побрутални закани.
Ова се недозволени методи. Кршење со закани и уцени и изнудување изјави. Вакви закани не се својствени за демократски земји и се против законски. Еден ден, верувам дека во Македонија ќе се отвори ова прашање против ваквите лица со вакви настапи на дел од обвинителите и дека ќе одговараат за тоа.
П.С. Денеска прочитав дека повторно лиферувале нови лаги за наводни индиции за нови наводни мои скриени имоти со кои немам никаква врска. Ќе дојде крајот и на оваа ера еден ден. Па како што кажа Јане Ченто на неговото судење: “ќе изгрее сонцето на слободата”.
И да потсетам. Со години во затворите за случајот “27. април” лежат многу луѓе со неправедни пресуди, со непостоечки квалификации за тероризам со цел затвораката казна да е долга, а некои и без никаква вина. Македонија е земја на политички затвореници и политчки прогонувани лица. Се додека е така, напредок нема да има, како што и нема. Напротив има назадување.