Позитивноста на Мистик вчера „го тресеше“ Прилеп на „Прочка 2024“
Прилепскиот маскембал „Прочка 2024“ го одбележа своето дваесет и второ издание со впечатливо дефиле на 23 групни и поединечни маски, а меѓу нив и костимот Мистик. Ова мистично суштество, создадено од Мила Спиркоска, го освои срцето на јавноста и жирито кое ѝ додели награда за најдобра поединечна маска.
Мистик не привлече внимание само поради својата визуелна привлечност, туку и поради фактот што замислата и рачната изработка на костимот е целосно од 12-годишната Мила. Од почеток до крај, Мила го креираше костимот со љубов и целосна посветеност, вклучувајќи го и перформансот на дефилето, каде срдечно ѝ се придружи и мимичарот Мето.
„Ова беше неверојатно искуство и сум многу среќна што успеав да го претставам костимот Мистик пред публиката на „Прочка 2024“. Идејата зад костимот беше да го пренесам магичното и позитивното во светот и верувам дека успеав да го постигнам тоа“, изјави Мила Спиркоска.
Костимот Мистик остана во срцата на посетителите на маскембалот, пренесувајќи порака за радост и љубезност. Прочка 2024 беше повторно успешен настан, што потврди дека Македонските традиции и култура сѐуште виреат и младите генерации од срце ги практикуваат.
На фестивалот можеа да се видат и мажоретките од Кавадарци, стоногалки, кученца далматинци, зомби, пирати, весели тотеми, аватари и што сѐ не, но не беа изоставени и маските кои ја претставија старата некогашна Прилепска чаршија, како и оние традиционалните без кои ниту една „Прочка“ не може да помине, а кои ги претставуваат Македонските традиции, историја и етнологија.Прилепските Мечкари се симболот на „Прочка“ во Прилеп. Тие го отворија дефилето со својата стандардна маска – Мечкари, која традиционално и неизбежно е резидентна секоја година на фестивалот „Прочка“ и е вон конкуренција на маскембалот.