Зошто Ковачевски не реагираше кога лично пред негови очи, македонскиот народ го нарекоа северномакедонски?
Прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп каде претседателот на ОК Прилеп Дејан Проданоски запраша, зошто Ковачевски не реагираше кога лично пред негови очи, македонскиот народ го нарекоа северномакедонски?
Почитувани,
Денес во Прилеп доаѓа Димитар Ковачевски, кој води тесна битка со Зоран Заев за најнеспособен премиер од осамостојувањето на Република Македонија па до денес.
Димитар Ковачевски свесен дека нема апсолутно никаква поддршка од народот, одбира да присуствува само на некакви теснопартиски собири. Не собра храброст да се соочи со гневот на народот и да присуствува на прославата на 11-ти октомври да не биде искаран од Бугарија. Од човек кој се срами и плаши од историјата на предците, не може да се очекува да ги штити македонските национални интереси!
Овие денови власта ја замајува јавноста со една позната фраза „чист македонски јазик“ при тоа навредувајќи ја интелигенцијата на народот. Можеби Веруваат дека сто пати кажана лага станува вистина. Колку за пример Македонија досега има потпишано стотици меѓународни и билатерални договори на македонски јазик и тоа е неспорен факт.Уште многу вакви мултилатерални спогодби, договори и конвенции на македонски јазик имаме и со Советот на Европа, со ОБСЕ, Обединетите Нации и со многу држави на билатерално ниво.
Дали Ковачевски, кога веќе нема храброст пред граѓаните, барем пред неговите сопартијци, ќе одговори зошто не реагираше кога лично пред негови очи, македонскиот народ го нарекоа северномакедонски? Дали Ковачевски ќе им одговори на присутните кои инвестиции во време на владеењето на СДСМ, се реализирани во Прилеп и колку нови работни места се отворени благодарение на централната власт? Уште колку време прилепчани ќе почекаат за изградба на автопатот Прилеп-Битола кој со години се „гради“? Заради неспособноста на централната власт Прилеп стана слепо црево.
Дали ќе зборува пред сопартијците за безредието, хаосот и криминалот кој го достигнаа зенитот во нашиот град? Дали ќе им одговори барем на сопартијците за огромните сметки за струја, за затворените фирми кои не добија никаква државна помош и за луѓето кои поради нивната неспособност останаа на улица? Или ќе спомне можеби за маката на земјоделците и тутунарите кои оставени сами на себе едвај преживуваат додека директорите на комбинатот уживаат големи привилегии?
Почитувани,
Приказните за некакви реформи, чекорење по прав пат, напредок и прогрес за кои ќе зборува Ковачевски паѓаат во вода. Најдобар доказ за тоа е извештајот на Светска банка од пред само неколку дена каде е наведено дека Македонија има највисока инфлација и најнизок раст во регионот. Тешко на народот со ваква неспособна власт! На народот не му се потребни вакви трибини со билдање лажна еуфорија. Потребни се промени, кои ќе донесат луѓе што ќе знаат да се носат со предизвиците. Потребни се промени што ќе значат крај на владеењето на СДСМ!